На протестот на кој побараа исплата на два милиона и сто илјади евра денеска во центарот на Кавадарци, транспортерите дојдоа со своите товарни возила.
Трајче Пеовски, претседател на Здружението „Киперски транспортери“ – Кавадарци посочи дека причината за овој мирен протест е наплатата на нивните побарувања по основ на извршен превоз кон „Еуроникел индустри“ во стечај, како и директното влијание на банката во стечајната постапка.
– Ни беше ветено дека ќе се изнајде решение за решавање на нашиот проблем, но до ден-денес нема ништо од тоа. Ова е организиран мирен протест за да го искажеме нашето незадоволство. Бараме средба со надлежните во државата, за да се изнајде решение за нашиот проблем. Нема тука да застанеме, туку во периодот што следува ќе ги радикализираме нашите протести на повеќе локации во градот и државата, се до остварување на нашите барања, истакна Пеовски.


