Прва титула светски првак за ракометарките на Бразил

Репрезентацијата на Бразил за првпат во историјата на женскиот ракомет го освои златниот медал на едно Светско првенство.

Вечерва во белградска „Комбанк Арена“ пред околу 20 илјади гледачи во финалето на Мундијалот, бразилските ракометарки ја совладаа домашната селекција на Србија со 22:20 (полувреме 13:11).

Натпреварот беше неизвесен во целиот свој тек, во 58.минута се влезе со изедначен резултат 20:20, по што следуваа два гола за „кариоките“ без одговор на српските ракометарки кои во солзи го дочекаа крајот на натпреварот. За нив утеха е второто место и сребрените медали.

Претходно во малото финале Данска ја победи Полска со 30:26 и стигна до бронзените медали.

Во идеалниот состав на Мундијалот влегоа следните ракометарки:

Голман: Барбара Аренхарт (Бразил)

Лево крило: Марија Фискер (Данска)

Лев бек: Сања Дамјановиќ (Србија)

Среден бек: Анита Горбич (Унгарија)

Десен бек: Сузан Милер (Германија)

Десно крило: Сун Хе Ву (Јужна Кореја)

Пивотменка: Драгана Цвијиќ (Србија).

Признанието МВП кое се доделува за најкорисна на шампионатот и припадна на Едуарда Аморим од Бразил.

Најчитани вести