Првпат по 25 години официјален хокеј натпревар во Македонија

Хокеј Арената на СЦ „Борис Трајковски“ викендов ќе биде домаќин на Државното првенство во хокеј што ќе претставува прв официјален хокеарски натпревар во Македонија по пауза од 25 години кога две македонски екипи учествуваа во тогашната југословенска лига.

Директорот на СЦ „Борис Трајковски“ Ратко Капушевски на денешната прес-конференција рече дека напорите да се постави основата за враќање на овој спорт на старите патеки ги даваат првичните резултати.

– Подолго време заедно со Хокеј федерацијата се залагавме за реализација на овој проект. Целта ни е преку овој настан Хокеј федерацијата на Македонија да влезе во поблиска фаза на соработка со Интернационалната хокеј федерација од каде ќе може да влече големи искуства, да биде едуцирана со менаџмент, а исто така да добие и финансиска поддршка за развивање на клубовите кои се во почетната фаза на развој. Како СЦ Борис Трајковски сме задоволни од поставувањето на темелите во овој спорт, а согласно моите анализи ќе треба уште долго да се работи. Моја проекција е десет години за достигнување на големи резултати, истакна Капушевски.

Претседателот на Хокеј федерацијата на Македонија Никола Тасев изрази задоволство од заживувањето на хокејот во нашата земја.

– Во првото Државно првенство ќе учествуваат четири екипи, три македонски (Вардар, Металург и Фаворит Кико, како и екипата на Ред Стар од Бугарија, но тенденција ни е во иднина да вклучиме уште некој клуб од регионот. На овој начин функционираат и другите држави во поширокиот регион поради ограничениот број на хокеарски екипи, изјави Тасев. Натпревари ќе се играат овој викенд и уште еден при крајот на февруари, и уште еден или два викенда во март.

Распоред на натпреварите:

Петок 7 февруари: (21 часот) Вардар – Металург, (22:30) Ред Стар – Фаворит.

Сабота 8 февруари: (9 часот) Фаворит Кико – Вардар, (10:30) Металург – Ред Стар.

Недела 9 февруари: (9 часот) Ред Стар – Вардар, (10:30) Фаворит Кико – Металург.

]]>

Најчитани вести