Путин домаќин на самитот Русија-АСЕАН во Казан

Рускиот претседател, Владимир Путин, ќе биде домаќин на дводневниот самит Русија-АСЕАН што од денеска се одржува во рускиот град Казан, на кој е најавено учество на повеќе лидери на држави од Југоисточна Азија.

Самитот се случува во време кога Москва се обидува да ги зајакне врските со другите региони во светот по влошувањето на односите со Западот поради војната во Украина, истовремено кога во Франција се состануваат лидерите на Групата Г-7.

Учеството на состанокот во Казан веќе го потврдија претседателите на Виетнам и на Филипините, То Лам и Фердинанд Маркос Помладиот, како и премиерите на Тајланд и Камбоџа, Анутин Чарнвиракул и Хун Манет. Се очекува да присуствуваат и премиерот на Малезија, Анвар Ибрахим, како и претседателот на Лаос, Тонглун Сисулит.

„Целта на Самитот е размена на мислења за актуелните регионални и меѓународни политички прашања и продлабочување на соработката во политиката, трговијата, безбедноста и инвестициите“, изјави советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков.

Тој додаде дека ќе се разговара и за можностите за зајакнување на хуманитарната соработка.

Путин планира и серија билатерални средби со странските лидери, со цел да покаже дека Русија не е меѓународно изолирана. Во меѓувреме, Г-7 настојува да го зголеми притисокот врз Москва поради војната во Украина.

АСЕАН обединува 11 држави од регионот. Русија воспостави односи со организацијата пред 35 години и оттогаш континуирано ја проширува соработката со земјите-членки.

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести