Руската Дума планира да усвои измени на законот што ќе им овозможат на руските вооружени сили да бидат вклучени во ослободувањето и заштитата на руските граѓани кои се затворени, уапсени или под истрага во „непријателска“ странска земја, објави денес Думата.
Одлуката за вклучување на армијата со цел заштита на руските граѓани во странство ќе ја донесе претседателот на Русија, Владимир Путин. Ангажманот за заштита на руските граѓани се однесува за пресудите или одлуките на меѓународните судски тела во кои Русија не учествувала.
Предлогот за измени на Законот за државјанство на Руската Федерација и Законот за одбрана денес до надлежните комисии на Думата го испрати претседателот на Парламентот Вјачеслав Володин.
Тој рече дека овие акти ќе бидат приоритет бидејќи целта на предложената регулатива е да се заштитат руските граѓани од „дејствија на непријателски странски држави“.
„Западниот правосуден систем е целосно дискредитиран. Тој практично престана да постои. Наместо владеење на правото, имаме очигледно мешање во работите на суверените држави, кршење на меѓународните норми и правила и незаконско прогонување на поединци“, рече Володин.
„Под тие околности, клучно е да се направи сè што е можно за да се заштитат нашите граѓани во странство, вклучително и од незаконски напади врз нивните права и слободи“, рече претседателот на парламентот, кој е верен сојузник на Путин.
Странските медиуми пишуваат дека усвојувањето во Думата е чиста формалност, пишува Н1.


