Радовиш и Скопје домаќини на 43.от „Златен Гонг“

Една од најстарите спортски манифестации во земјава, боксерскиот турнир „Златен Гонг“ од 7 до 10 ноември ќе се одржи во Радовиш и во Скопје. Овој традиционален турнир се организира под покровителство на Агенцијата за млади и спорт (АМС) по повод одбележувањето на празникот 13 Ноември – Ослободувањето на Скопје.

– Традиционалните вредности се обележјето на секоја земја и како такви претставуваат симбол на препознатливост и како такви мораме да ги негуваме. Таква манифестација е „Златен Гонг“ која е симбол на препознатливост на Македонија и придонесува за дополнителна промоција и афирмација на државата во меѓународни рамки, изјави директорот на АМС Александар Пујовски на денешната прес-конференција.

На „Златниот Гонг 2013“ ќе настапат 61 боксер од 12 земји. За првпат на оваа манифестација со свои претставници ќе се појават Нигерија и Велс, а освен нив учество пријавија Англија, Албанија, Шкотска, Словенија, Србија, Романија, Црна Гора, Бугарија и Косово.

Претседателот на Организациониот одбор Војо Настевски ги информира присутните новинари дека годинава пријави за учество пристигнале уште од многу други земји, но временското ограничување на турнирот не дозволуваше проширување на листата на учесници.

– Покрај големиот интерес и масовноста го задржавме квалитетот кој очекуваме да биде прикажан на рингот, истакна Настевски.

Македонија за овој турнир пријави девет боксери меѓу кои е и четирикратниот освојувач на „Гонгот“ Примислав Димовски.

Освен него македонската репрезентација ќе биде претставена од: Исак Сулејмани, Мартин Алексов, Сашо Лескароски, Бојан Ристески, Шакир Даути, Димитар Ташков, Мартин Стојчевски и Хајдин Ферати.

На 8 ноември во спортската сала „25 Мај“ во Радовиш од 16 часот ќе почнат полуфиналните борби, а час и пол подоцна е Свеченото отворање.

Финалните мечеви се закажани за 9 ноември со почеток од 11 часот во малата сала од СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Најчитани вести