По донесувањето на Законот за високото образование и најавата на „суштинските реформи“ од кои најголема корист ќе има Државниот просветен инспекторат на кого му дадоа мал милион основи за дисциплинирање на деканите, би порачала никој да не бара виновник во друг и да не се затскрива зад никого – сите носиме дел од вината за многу работи, не само за овој закон.
Сега откако го донесоа законот, откако го погребаа образованието, се оградија од опозицијата и го спинуваа студентското движење, ќе биде добро да се посочи вистинската адреса за реакција и идна акција … Тоа не ниту Иванов (кој не може ни да посака да не го потпише указот на законот), тоа не е ниту министерството за образование, тоа не е ниту Собранието.
Тоа се РЕКТОРИТЕ, од кои сите ние (студенти, професори), треба да побараме ОСТАВКИ – како морален и политички чин, бидејќи не успеаја ниту во минатото, ниту денес да ги одбранат политиките за вистинско високо образование: Ако имаат доблест ректорите без размислување, без било кој да побара од нив треба да си заминат од челните места на Универзитетите. Беа соучесници во корупција, криминал и злосторство против високото образование и продолжуваат без срам да ја покажуваат нивната сервилност кон власта! Ја одликуваа власта со ордени; Ги притиснаа деканите да ги устоличат во наставно-научни звања заслужните партиски функционери; Глас не пуштија кога од позиција на власт магистрираа и докторираа половина влада, без да укажат дека тоа е судир на интереси; Глас не пуштаат пред тенденциозното тивко згаснување на факултети/институти; Не смеат да кажат дека повеќе од половина година власта располага со парите на факултетите, додека факултетите кубурат да платат сметки за струја; Не се побунија кога нивниот/нашиот кадар останува на улица без работа по дипломирањето, за сметка на партиски подобните кои не стапнале на факултет; Не се побунија кога власта стипендираше надежни, подобни кадри на приватните факултети, а не на државните; Дозволија автономијата на универзитетот да го изгуби своето значење, бидејќи и самите тие не знаат каква е улогата и функцијата на Универзитетите … Адресата се тие ! Убедена сум дека таква доблест немаат и послушноста ќе продолжи.
Длабоко верувам дека е така, знаејќи ја причината за таа сервилност. Да беше поинаку, денес ќе имавме колона од декани, професори, студенти кои се упатуваат пред квазиинституциите, на чело со ректорите! Да постои таа свест и доблест ќе биде така; ќе имаше цел и патека по која ќе се чекори; и немаше да има време за оградување од опозицијата, зошто таа ја знае нејзината корективна задача (Што после ваков закон?). Затоа, во ова време на лицемерие, конформизам и кукавичлук подобро е да се адресира проблемот и излезот, отколку да се бара виновник за она за кое сите имаме одговорност!
фејсбук статус на Фросина Ременски


