РЕПОРТАЖА: Дубаи – „Кулата од песок“ на шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум, за кого не постои зборот – невозможно

Пишува: Ленче Николовска

Дубаи е најголемиот и најнаселен град во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Се наоѓа на југоисточниот брег на Персискиот Залив и е главен град на истоимениот емират, еден од седумте емирати што ја сочинуваат земјата. Владетелот на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум, е еден од најмоќните луѓе на Блискиот Исток. Тој е милијардер, монарх на Дубаи, потпретседател и премиер на Обединетите Арапски Емирати во чиј кабинет има министерка на Министерство за Среќа.

Ова за почеток се доволно информации колку да знаете каде ќе Ве водам, во градот на еден шеик каде што сѐ почнува со НАЈ, а зборот „невозможно“ не постои во неговиот речник.

Кога бил мал, сега веќе 72-годишниот шеик, бил исмејуван од неговите другари кога играјќи си се обидувал да направи замок од песок што ќе стои на вода…

Денеска, се возевме со нашата група по автопат на вештачкиот остров во форма на палма, Џумеира, а од страната луксузни вили, од неколку милиони евра, во сопственост на најпознати светски личности, актери, фудбалери, политичари… а пред нас хотел Атлантис…

Дубаи е доказ дека сѐ може да се направи со пари. Ако не го дала природата, шеикот е тука со еден збор само да каже – да се направи!

Таков бил случајот и со хотелот „Meydan“. Кога еден ден шеикот бил на посета во хотелот (а кажуваат дека често може да се види сам, без телохранители како се шета во најголемиот мол на светот или како ја надгледува работата на администрацијата), еден од гостите му рекол, супер е сѐ, само уште хотелот да има поглед на море.

Речено – сторено, шеикот го донел морето до хотелот.

А што ме донесе мене во Дубаи?

Ги сакам патувањата особено кога се организираат преку туристички агенции. Има неколку предности, покрај сигурноста која се нуди бидејќи секаде сте во група, запознавате нови пријателства, разговорите се неоптоварени од секојдневието, а воодушевувањето од новите доживувања е заедничко. Уште ако имате среќа и Ваш водич да биде Мими од „Војаџер“, прекрасна личност, елоквентна и голем професионалец, тогаш патувањето може да започне.

Од Скопје полетавме во 21 часот и 20 минути до Истанбул. Веднаш се префрливме на летот за Дубаи кој траеше 4 часа и (со разликата од 2 часа пред нас колку што се таму) пред 8 часот веќе бевме во нашиот хотел „Rose Rayhaan by Rotana“. И одма, еден од највисоките хотели во светот.

Според агендата тој ден ни беше слободен, па го искористивме за одмор и подготовка за првото доживување – Вечерно крстарење во „Дубаи Марина“. Дубаи има жешка пустинска клима. Летата во Дубаи се екстремно жешки, ветровити и влажни, со просечно високо ниво околу 41 °C и ноќни падови околу 30 °C во најтоплиот месец во август, па шеикот ја изградил Марината за да има каде да се шетаат и да се разладат странците.

Бродот заплови, а со него и нашето воодушевување – каде попрво да гледаш, на која страна да се свртиш, секаде – моќ, пари, убавина, раскош, модерност, иднина… Највисоки згради во светот, најголеми базени на највисоки катови, најголемо тркало во светот, најголем мол на светот…

Животот е тркало, еднаш си горе, еднаш долу… Дубаи е горе, во било која фаза од животот. И тоа највисоко и буквално бидејќи овде е највисоката зграда во светот од 828 метри – Бурџ Халифа.

Се проценува дека изградбата на оваа зграда чинела околу 650 милиони американски долари. Има 163 ката и едно ниво под земја. Градена е од 2004 до 2010 година. Постојани редици од туристи кои стрпливо чекаат да се искачат на 124 кат. Организирано е сѐ, од приемот до испраќањето пред лифотовите. А внатре посебна приказна, во боја.

Од фонтаните кои играа на ритамот на музиката на секои 30 минути, до осветлената зграда и прекрасната арапска песна, лифтот кој за една секунда поминува 10 ката и погледот од горе, најблиску до небото, а нозете на земја – чувства, убавина, адреналин… тоа е Дубаи.

Со пари можете да бидете први во светот, но треба да знаете како и од тоа да правите пари. Шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум знае, во Дубаи знаат, а го одбрале најдобриот модел – љубезност, смисла за бизнис, развиен туризам, иновативност и ангажирање на најдобрите, најкреативните и најголемите професионалци од цел свет. За секоја област. Платите варираат во зависност од која земја доаѓате. Исти професионалци од Англија се далеку повеќе платени од тие од другите земји.

Дубаи личи на современ град кој под водство на шеикот се трка сам со себе, уште повисоко, уште подобро, уште поголемо, уште, уште… За шеикот важи или прв или друго не прифаќа. Второ и сите други места се исти, тие мора да се најдобри.

Локалниот водич ни ја пренесе визијата до каде ќе оди Дубаи со развојот – во 2050 година ќе го градиме Дубаи на Марс! Не препрашавме што значи оваа изјава. Засега многу ни е и Дубаи на Земјата 🙂

Во Дубаи сѐ е престиж, од поседување на камили, коњи до најдобрите автомобили. Но, интересно е што и бројките на регистарските таблички на возилата се знак за престиж. Што помалку бројки, толку позначајна личност. Број 1 регистарска табличка има само шеикот, а едноцифрените броеви се за неговото семејство. Другите плаќаат високи суми, па и милиони евра за помал број на регистарска табличка. Оти тоа било знак дека се работи за богат човек, важна личност која може да влезе без резервација во најелитните хотели и локации како хотелот „Бурж Ал Араб“.

„Бурж Ал Араб“ e луксузен хотел кој со својата височина од 321 метри е четвртиот највисок хотел во светот. Бурж Ал Араб е изграден на вештачки остров на 280 метри оддалеченост од плажата Џумеира, а со копното е поврзан преку приватен искривен мост. Тој е величенствена градба чиј облик наликува на бродско едро. Хотелот е единствен во светот кој има 7 ѕвездички и бил отворен во 1999 година.

Од локалниот водич дознавме многу интересни факти за животот во Дубаи. Само околу 15% од населението на Дубаи се состои од државјани на Обединетите Арапски Емирати. Тие луѓе се привилегирани по сите основи, шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум се погрижил ништо да не им недостига. Сите работат достоинтвени професии, можат да бидат спонзори на големи компании кои градат или отвараат бизниси и за тоа да добиваат високи проценти и други бенефиции како оние кои ќе се оженат добиваат куќа од државата, ако и двајцата се од ОАЕ. За сето ова се грижи младата министерка на Министерството за Среќа.

А за среќни и сигурни да бидат сите, не само родените на овие простори туку сите жители и туристите важно е да се каже и колку е висок степенот на сигурност и безбедност во Дубаи. Криминал речиси и да нема, а уште на аеродромот со посебен систем и камера ги евидентираат сите патници и на тој начин Ви се гарантира дека што и да се случи институциите брзо ќе реагираат. Превозот во градот е строго контролиран, такси возилата се двобојни, таксистите со истакната евиденција, а цените како кај нас. Во возилата може да се плаќа и со картички.

Турата предвидуваше посета и на стариот град во кој се наоѓа пазарот, а до него отидовме на оригинален начин, со Абра, традиционален брод за превоз. Го поминавме природниот канал и се најдовме среде пазарот на чаеви, шафран, злато, зачини, парфеми и урми.

И повторно, овде е најголемиот златен прстен во светот кој тежи 65 килограми и е во сопственост на Индиец, кој има и неколку други златарници. За златен накит велат овде тие се главни.

Туризмот е важен дел од стратегијата на владата на Дубаи за одржување на приливот на странски пари. Привлекувањето за туристите главно се заснова на шопинг, но исто така и на посетување на други антички и модерни атракции. Од 2013 година, Дубаи бил седмиот најпосетен град во светот. Дубаи бил домаќин на 20 милиони туристи до 2020 година.

Дубаи се нарекува „трговски главен град“ на Блискиот Исток. Има повеќе од 70 трговски центри, вклучувајќи го и најголемиот трговски центар во светот, Дубаи мол. Го шетавме, ама не успеавме и да го прошетаме оти оваа грандиозност ја надминува способноста и на најголемите вљубеници во шопингот.

https://www.youtube.com/watch?v=iGhSm9GYRkI&t=1s

Ви спомнав за урмите? Ги има во најразлични форми и вкусови, а ова овошје овде, заедно со чоколадата со млеко од камила се посебен деликатес.

Другата храна е разновидна, ги има сите кујни како и светски брендови за брза храна, пицерии и во молот тоа беше најпосетуваниот дел каде се доаѓаше, ручаше и се продолжуваше со авантурата Дубаи.

А зборот авантура најмногу одговараше на последниот ден кога пред хотел дојде екипата од „Дубаи Сафари“, професионалци со долгогодишно искуство и џипови со кои ги освојувавме песочните дини, тоа е незаборавно доживување.

Кога ќе кажат за нешто, ова само да се доживее, не се прераскажува, веројатно се мисли на пустинското сафари. Јас ќе се обидам преку фотографии и краткo видеo да ја доживеете атрактивноста на пустината, а тоа како јас го преживеав возењето во џипот, се надевам од групата ќе бидат љубезни и нема да прераскажат 🙂




За прераскажување е вечерта во кампот, со традиционална храна, и несекојдневни уметнички настапи на бина. Секако тука беа и неизбежните камили, особено интересни за децата.

Сѐ заедно, во хотелот си дојдовме среќни, со песок на нозете и марамите за спомен. Ова дефинитивно беше неповторливо доживување. Како и целото патување.



]]>

Најчитани вести