Русија ја растури Македонија

Подмладената женска ракометна репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз од Русија со 36:23 на првиот натпревар од квалификациите за Европското првенство кое во декември годинава ќе се одржи во Хрватска и Унгарија. На натпреварот одигран попладнево во Ростов, видлива беше разликата во квалитет, иако и руската селекција има подмладен состав.

Уште по првиот дел беше јасно дека избраничките на селекторот Ристо Магдинчев  немаат големи шанси за изненадување, а на паузата меѓу двете полувремиња заминаа со шест голови негатива 18:12.

Во вториот дел големиот број на технички грешки на нашите ракометарки, домаќинките знаеја како да ги казнат па на крајот забележаа убедлива победа изразена со 13 голови разлика 36:23.

По шест голови за македонската репрезентација постигнаа Зорица Десподовска и Елена Ѓорѓиевска, додека Драгица Митрова придодаде четири.

Најефикасна на натпреварот беше руската ракометарка Екатерина Илина која постигна седум погодоци.

Денешниот натпревар против Русија беше прв за нашата женска селекција во овој квалификациски циклус. Веќе во сабота, во СРЦ „Кале’’ овие две селекции ќе го одиграат и вториот меѓусебен дуел.

Инаку во групата 1 покрај Русија, македонските ракометарки ќе играат и против селекцијата на Германија и тоа во дво-мечот закажан за месец јуни.

На табела сега Русија е на првото место со 4 бодови по три одиграни натпревари, Германија има 2 бода (два натпревари), а Македонија е без освоен бод.

]]>

Најчитани вести