Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко стана еден од сопствениците на млекарата Здравје Радово. Согласно со известувањето на Централниот регистар е извршена промена на основачите на Друштво за производство и трговија Млекара “Здравје Радово” ДОО увоз-извоз с.Радово Босилово или со скратен назив Млекара “Здравје Радово”. Како сопственици односно основачи на млекарата, која е најголема во државава сега стојат Сергеј Самсоненко, Јордан Камчев, Цветан Панделевски и Земјоделски комбинат Пелагонија АД Битола. ЗК Пелагонија во септември минатата година извести дека стекна удел од 16,5% од основната главнина во Друштвото за производство и трговија Млекара Здравје Радово. Во март годинава пак на Централниот регистар имаше објава дека Јордан Камчев, Цветан Панделески и ЗК „Пелагонија“ се нови сопственици на „Здравје Радово“. Самсоненко кој веќе неколку години живее во Македонија има повеќе бизниси во земјата. Тој и е познат на јавноста како сопственик на фудбалскиот и ракометниот клуб Вардар, а минатата година инвестираше и во спортскиот центар Јане Сандански, во рамки на кој го изгради и хотелот Русија. Самсоненко основа и авионска компанија во Македонија. Според податоците од Централниот регистар на Македонија, новата фирма која се вика Сис Авиатион ќе се занимава со патнички воздухопловен транспорт. Фирмата е основана со капитал од пет илјади евра.
Извор: Емагазин
Фото: МИА


