СДК: Замрзнат имотот на Груевски по откривањето на двата стана и плацот на Водно

Двата новооткриени станови на експремиерот Никола Груевски во кои Обвинителството за организиран криминал и корупција минатиот месец влезе да врши претрес, како и новооткриениот плац на Водно од 3 000 метри квадратни, со одлука на Основниот кривичен суд се замрзнати додека трае постапката против поранешниот премиер, потврдил за САКАМДАКАЖАМ.МК државниот јавен обвинител Љупчо Јовески.

Јовески пред два дена за Телма ја откри информацијата за откриените нови имоти, за кои на хартија фигурираат други имиња, но Обвинителството пред Судот изнело сознанија и докази дека плацот и становите се всушност на Груевски.

Засега никој не поднел жалба на таа одлукана судот. Груевски по претресот, од Унгарија негираше дека двата новооткриени стана се негови, и дека ги изнајмил под кирија.

Порталот СДК.МК повикувајќи се на свои извори денеска објавува дека еден од новооткриените станови на Груевски на улица Павел Шатев (Бихаќка) во Скопје е на име на Т.С. која е секретаркa и која на сослушувањето во Обвинителството изјавила дека станот не бил нејзин, неа само ѝ било дадено да потпише дека е нејзин.

Друг стан во истата зграда, за кој исто така истражители вршеа претрес, е на име на фирма „ИКТ Инженеринг“. Во едниот од овие станови Груевски, осомничен за купување плацеви и недвижнини на Водно, имал огромна библиотека. Другиот го користел како работен кабинет.

Во замрзнатиот имот не се наоѓаат другите два стана кои гласат на мајка му на Груевски, Надежда во истата зграда, ниту станот на мајката во Капиштец, а тој во Аеродром го продала.

Сите четири стана, двата на име на мајка му, на секретарката и на фирмата на „Бихаќка“, биле со последователни броеви, еден до друг, два од нив се споени и зафаќале цел агол од зградата-комплекс на оваа улица, дознаваат во сдк.мк од станарите.

Груевски се сомничи дека во периодот од 2006 до 2012 противправно си присвоил пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, а потоа од октомври 2012 до септември 2013 ги пуштал во оптек преку фирма-ќерка на офшор фирма од Белизе и така ги купил атрактивните плацови на Водно. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри и сума од 1,3 милиони евра.

Истрагата за случајот беше отворена на 19 октовмри лани, а според неофицијални информации таа е во завршна фаза и се наоѓа пред обвинение.

]]>

Најнови вести

Најново од Македонија, Ударни вести

Најчитани вести