СДСМ отворено ја започнува борбата против фабриката за лаги, манипулации и организирана пропаганда на ВМРО-ОКГ, орбановата мрежа на медиуми и армијата ботови кои секојдневно шират говор на омраза, конструкции и невистини.
Портпаролката на СДСМ и членка на ИО, Богданка Кузеска, денеска јасно порача дека во случајот со објавените документи на Алфа ТВ за кои не се соопшти дали се фалсификат или се реални „и во двете варијанти подлежат на кривична одговорност“.
„Двете варијанти подлежат на кривична одговорност. Доколку се фалсификувани, некој ги фалсификувал и некој ги искористил за да прави манипулација во јавноста, односно дефокус на сè она што се случува во владата на ВМРО-ДПМНЕ, за да се покријат сите тие теми за коишто ние зборуваме како денеска за сиромаштијата, да се зборува токму за тоа што го објави телевизија Алфа“, истакна Кузеска.
Таа додаде дека доколку документите се веродостојни, тогаш повторно се потврдуваат сомнежите за постоење на организирана мрежа за политички пресметки и дискредитации.
„Од друга страна, доколку се веродостојни, тоа покажува дека повторно се потврдува тоа што го кажувавме ние, дека токму работи Блек Кјуб, односно Мосад во Македонија, дека се има соработка со ВМРО-ДПМНЕ и дека токму се злоупотребуваат документи повторно на нелегален начин, на она како што го кажавме ние, следење, прислушкување, афери, измислување, манипулации и сè она што може да дискредитира една личност. Тоа значи дека Блек Кјуб навистина се докажува дека работи токму во Македонија и токму за тоа ќе биде поднесена кривична пријава.“ рече Кузеска.
Кузеска се осврна и на координираните напади, навреди и говор на омраза на социјалните мрежи, нагласувајќи дека не станува збор за цензура, туку за заштита од организирано поттикнување омраза и насилство.
„Станува збор за говор на омраза. Јас само сум зачудена како воопшто и тоа не го гледате. Затоа што станува збор за класичен говор на омраза којшто и поттикнува насилство“, рече Кузеска.
Таа посочи дека веднаш по нејзините прес-конференции следуваат организирани хајки со навреди и деградации, особено кон жени во политиката.
„Јас таа слика којашто сакав да ви ја покажам е токму веднаш после моја прес-конференција каде што е карикатура, каде што се зборуваат сите погрдни зборови коишто можат да се кажат за жена“, посочи Кузеска.
Во однос на коментарите на социјалните мрежи, таа истакна дека СДСМ нема проблем со критика и различно мислење, туку со организирани бот-мрежи.
„Станува збор, ајде барем да станува збор за вистински профили. Станува збор за армија на ботови којашто, кога почнува еден, потоа тоа нема крај“, рече Кузеска.
СДСМ Центар за комуникации со јавноста


