Во октомври, на граничните премини со Хрватска почнува да се имплементира електронскиот систем за контрола на влезот на граѓани на трети земји на територијата на Европската Унија. При прв влез во Шенген зоната, ќе се земаат биометриски примероци, кои ќе се чуваат во бази на податоци, па безбедносните проверки треба да бидат побрзи и поефикасни, објавува ХРТ.
Полицијата наведува дека собирањето биометриски податоци е едноставна и лесно разбирлива постапка, а се спроведува со скенирање на окото и земање отпечатоци од прсти.
„Кога ќе дојде граѓанин на трета земја и кога ќе се скенира патниот документ, системот автоматски ќе препознае за која земја станува збор и патникот ќе биде информиран на јазикот на таа земја, и звучно и текстуално, како да продолжи“, објаснува Крешимир Видовиќ, помошник началник за гранична контрола на ГП „Бајаково“.
Во првиот месец од воведувањето на новиот систем за контрола, граничните служби, според проценките, ќе спроведуваат двочасовни процедури за собирање биометриски податоци. И така во секоја смена. Регистрацијата во системот ќе започне истовремено на сите гранични премини.


