На железничката пруга во Демир Капија, со Халид и Велид
Двете братчиња патуваат во група, со мајка им и татко им, кој бил лекар во Сирија.
Активистите најпрво им поделија пакети со храна на мајките со деца, на жените и старците, а потоа на мажите. Забележав како двете братчиња почнаа да се караат за еден кроасан, а мајка им ги смири велејќи им дека ќе им го подели. Во истиот момент зедов уште едно ќесе, го отворив и им понудив два чоколадни кроасана, за да не се караат. Најпрво не сакаа да земат, но откако добија согласност од мајка им, се проближија и зедоа. Остатокот од пакетот и` го дадов на мајката, па се завртев за да се вратам. Следниот момент подоцна, активистите почнаа да викаат по мене. Се завртев и ги видов дечињата како трчаат по мене. „Thank you, thank you!“ – извикуваа и ми се фрлија во прегратки. Се наведнав покрај нив, ги гушнав, а тие ми возвратија со топла прегратка и бакнежи, небаре сум им некој ближен роднина кого не го виделе одамна. Еден од пријателите реши да го забележи овој момент, додека јас зад насмевката криев солзи: Низ што поминале овие мали дечиња за да бидат толку благодарни за само два чоколадни кроасана? Низ што уште ќе поминат и тие и слични на нив се` додека не се изгласаат промените на законот за азил? Уште колку мали душички ќе страдаат вака додека чичковците во удобните фотељи не го убрзаат донесувањето на најбитниот закон во државава во моментов?
АПЕЛ ДО НАДЛЕЖНИЕ ИНСТИТУЦИИ ВО ВЛАДАТА И СОБРАНИЕТО НА Р.МАКЕДОНИЈА ОД ХУМАНИТЕ ГРАЃАНИ НА Р.МАКЕДОНИЈА И БЕГАЛЦИТЕ КОИ СТРАДААТ НА НАШИТЕ ПАТИШТА И ПРУГИ, ПОБРЗАЈТЕ И СПАСЕТЕ ШТО ПОВЕЌЕ ЖИВОТИ!
ХУМАНИТАРНА КАТАСТРОФА Е ПРЕД ЕСКАЛАЦИЈА, АПЕЛИРАМЕ ПРЕВЕНТИВНО ДА ДЕЛУВАТЕ СО ИТНО ДОНЕСУВАЊЕ НА ПРОМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ!
Фејсбук статус на Јасмин Реџепи


