Во текот на изминатите 24 часа на територијата на Градот Скопје сообраќајната полиција изврши увид на 16 сообраќајни незгоди. Од нив седум се со последица материјална штета, осум со последица телесни повреди во кои со полесни повреди се здобиле пет возачи на патничко моторно возило, еден сопатник, двајца пешаци и еден велосипедист. Во сообраќајката што се случила на улицата „Владимир Комаров“ во близина на крстосницата со булевар „Јане Сандански“ во која учествувале патничко моторно возило „опел астра“ со скопски регистарски таблички управувано од скопјанец и пешак исто така од Скопје, како последица од незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот.
Според евиденцијата на сообраќајната полиција, случена е уште една незгода со мала материјална штета за која е пополнет Европскиот извештај.
Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден презема мерки по прекршоците кои што ги направиле пешаците. Исто така, преземени се мерки и по прекршокот што го направиле возачите кои не отстапуваат првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин. Во оваа насока санкционирани се 12 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафорот за пешаци. Исто така, санкционирани се и петмина возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин.
Со специјалното возило „пајак“ од страна на сообраќајната полиција се отстранети 30 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.


