Земји што го користат овој систем за избор на пратеници се: Албанија, Аргентина, Австрија, Белгија, Бразил, Бугарија, Камбоџа, Зеленортски Острови, Чиле, Колумбија, Хрватска, Чешка Република, Данска, Источен Тимор, Еквадор, Естонија, Финска, Гватемала, Унгарија, Исланд, Израел, Јапонија, Луксембург, Република Северна Македонија, Молдавија, Црна Гора, Холандија, Северна Ирска, Парагвај, Полска, Португалија, Романија, Шкотска, Србија, Словенија, Шпанија, Турција, Уругвај и Велс.
Во Македонија Донтовиот метод се користи од локалните избори 1996 година, кога е воведен за распределба на мандатите на изборите за советници во општините. На парламентарните избори во 1998 година овој метод се користи за распределба на 35 мандати од пропорционалната листа, а од парламентарните избори 2002 година се користи за распределба на сите мандати во Собранието на Република Македонија.
Овој метод за првпат бил користен во 1899 година во Белгија и е именуван според белгискиот математичар Виктор Донт. Тој е помалку пропорционален отколку другиот популарен метод за распределба, Сен-лагеовиот, бидејќи Донтовиот метод повеќе ги фаворизира поголемите политички партии и коалиции над помалите.
По одредувањето на освоениот број гласови, за секоја листа се пресметуваат просеци или количници. Формулата за пресметување на количникот е V/(s+1) каде што:
- V – е бројот на гласови што го добила листата,
- s – бројот на мандати што го добила листата досега (во почетокот е 0 за сите листи).
Тоа значи дека според овој систем, вкупниот број гласови што ќе ги добие секоја партиска листа поединечно се дели со 1, потоа со 2, со 3, со 4, и сè така до крајниот број на кандидати што треба да бидат избрани во одредена изборна единица. Добиените изборни количници се подредуваат по големина, а најголемите броеви се мандатите што ги добиле соодветните листи. Секоја листа со кандидати добива пратенички места колку што има најголеми количници во вкупниот број определени места.
Пример: Ако на изборите учествуваат четири партии со свои листи, А, Б, В и Г, и добиле на пример: А = 100.000 гласа, листата Б = 80.000 гласа, листата В = 30.000 гласови, а листата Г = 20.000 гласови, бројот на гласовите на секоја партија се дели со 1, со 2, со 3… до 8.
Според Донтовиот метод, добитни се осумте најголеми количници, бидејќи толку пратеници се избираат во претпоставената изборна единица. Прв најголем количник е 100.000 што значи првиот мандат ќе го освои партијата со листата “А”. Втор најголем е 80.000, па втор мандат ќе освои партијата со листата “Б”. Трет најголем количник е 50.000 и тоа е уште еден мандат за листата “А“, а потоа е 40.000 и мандат за листата “Б“. Петтиот најголем количник по ред е 33.333 и тоа е мандат за листата “А“, а потоа следува мандат за листата “В” бидејќи следниот, шести, количник е 30.000. Седмиот мандат, со количник 26.666 ќе ѝ припадне на листата “Б”, а најпосле осмиот мандат, со количник 25.000, ќе го освои листата “А“.
На овој начин партијата со листа “А“ ќе има 4 мандати, листата “Б“ – 3, листата “В“ – 1, а листата “Г” ниту еден. Доколку се појават идентични изборни количници на две различни листи, мандатот се распределува со ждрепка.

Донтовиот метод не произведува апсолутна, односно чиста пропорционалност: во однос на вкупниот број освоени гласови, двете поголеми партии се фаворизирани. Партијата “В“ е помалку фаворизирана, а партијата “Г“ добила недоволен број гласови за да обезбеди мандат. За да може да ѝ го одземе четвртиот мандат на партијата “А“ (* 25.000) на партијата “Г“ би ѝ бил потребен минимум од 25.000 + 1 глас. Значи распределбата на мандатите меѓу овие 4 партии е фер, иако тоа не е апсолутно пропорционален одраз на нивните добиени гласови.
Д’Онтовиот метод се приближува кон пропорционалност со минимизирање на најголемиот однос меѓу места и гласови меѓу сите партии. Овој однос е познат и како односот на предност.
Да земеме една просечна изборна единица во Македонија
број на запишани гласачи 280.000. Да претпоставиме дека гласале 200.000.
Да претпоставиме дека четири партии учествувале и освоиле:
Партија А 90.000
Партија Б 75.000
Партија В 25.000
Партија Г 10.000
Треба да се распоредат 20 мандати.
Освоените гласови се делат со сите броеви од 1 до 20 и се добиваат количници.
Дваесетте најголеми количници носат по еден пратеник.
Количниците се следните
/1 /2 /3 /4 /5 /6 /7
90.000 45.000 30.000 22500 18.000 15.000 12.857,1
75.000 37.500 25.000 18.750 15.000 12.500 10.714,3
25.000 12.500 8.333,3 6.250 5.000 4.166,7 3.571,4
10.000 5.000 3.333,3 2.500 2.000 1.666,7 1.428,6
/8 /9 /10
11.250 10.000 9.000
9.375 8.333,3 7.500
3.125 2.777,8 2.500
1250 1.250 1.000
Излегува дека прагот е 9.375 гласачи, а освоените мандати се распоредени вака:
Партија А = 9
Партија Б = 8
Партија В = 2
Партија Г = 1
Постапката се повторува за секоја изборна листа.
Просто кажано, кога оние што гласаат за партиите што нема да освојат пратеник, воопшто не излезат да гласаат, распределбата на места би изгледала „до влакно“ исто, а тоа би значело и поголем процент гласови за најсилните партии.
.
]]>


