Шверц на грчки домати и краставици, загрозено домашното производство

Увозни грчки домати и краставици го преплавија домашниот пазар и ги урнаа цените на домашните земјоделци. Производителите на раноградинарски производи тврдат дека се шверцуваат грчки домати и краставици.

„Имаме сознанија дека во изминатиов период фирмите увозници во документацијата за извоз приложуваат увоз на портокали за кои трошоците за увоз се многу пониски, споредбено со трошоците за увоз на домати и краставици. Како такви тие пристигаат на пазарот кај нас со многу пониски цени на кои ние како домашни производители не можеме да бидеме конкурентни“, велат од Оранжерии „Зелена куќа“.

Според информациите од производителите, денеска на Кванташкиот пазар во Солун цената на краставиците е 0,90 евро центи. Со сите давачки за царина и транспорт, без заработка за увозникот, кај нас цената треба да е 85 до 90 денари. Но, на Кванташкиот пазар во Скопје краставиците се нудат по цена од 70 до 75 денари за килограм, што според производителите е доказ дека има шверц. Заменик –министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски изјави дека нема информација за таков проблем.

domati
„Доколку констатираме било што од овие информации,ја уверуваме јавноста и сите производители на раноградинарски производи дека спорните производи ќе бидат одземени и ќе бидат уништени или вратени во земјата од каде што се увезени”, рече Ванчо Костадиновски-заменик министер за земјоделство.

Од Царинската управа за АлсатМ велат дека немаат сознанија за шверц, но оти информацијата ќе биде истражена.
„Во овој период, имајќи ja предвид висината на давачките за оваа стока, пратките со раноградинарски производи се предмет на зајакнати царински контроли.“

Според податоците од царината, од почетокот на годинава до викендов од Грција се увезени 173 илјади килограми домати и над 592 илјади килограми краставици.

Извор: Алсат

Најчитани вести