Синдикатот на естрадни уметници и изведувачи остро го осуди инцидентот во пресрет на православната Нова Година во Чачак за време на концертот на Ана Бекута и побара на сите естрадни уметниции изведувачи да им се овозможи непречено да ја работат својата работа со навремена полициска заштита.
Како што е наведено во соопштението на Синдикатот на естрадни уметници и изведувачи во рамките на Сојузот на независни синдикати на Србија, поединци со мразулци и снежни топки го спречиле нормалното одржување на концертот по повод православната Нова Година на плоштадот во Чачак.
„Остро ја осудуваме реториката на поединци што го придружуваше овој непријатен настан и изјавите на поединци дека г-ѓа Бекута е дел од корупциски скандал. Нагласуваме дека естрадните уметници и изведувачи одржуваат концерти само на барање на публиката и ги оценуваме ваквите напади како злонамерни и недозволиви“, се вели во соопштението.
Се додава дека мразулците и топките испратени до Бекута и оркестарот имале за цел не само да го прекинат концертот, туку и да им нанесат повреди на изведувачите на сцената, што, како што се наведува, „оди подалеку од изрази на незадоволство поради потрошените пари од градскиот буџет и има посериозна квалификација“.
Во соопштението го прашуваат министерот за полиција, како и началникот на полицијата на градот Чачак и градоначалникот зошто присутните полицајци не реагирале веднаш, туку дури по повикот на Бекута и по дождот од мразулци фрлени кон сцената.
„Исто така, ги прашуваме властите до кога, дури и на музички настани, на малцинството ќе му биде дозволено да го вознемирува мнозинството кое дошло на концертот за да ужива во музиката неказнето, без политика и екстремен недостаток на култура што имавме можност тоа да го видиме на снимките од концертот“, се вели во соопштението.
Се потсетува дека Ана Бекута е на музичката сцена повеќе од четири децении, дека има голема публика и хитови, и се истакнува дека забавувачите не се дел од политиката и дека нивната публика не доаѓа на концерти за политички манифестации и пропаганда, туку само да слуша музика.
Синдикатот бара на сите естрадни уметници и изведувачи да им се овозможи да си ја работат работата без пречки, со навремена полициска заштита, а им порачуваат на незадоволните дека политичките битки се водат таму каде што треба да се водат и на никаков начин да не се загрозуваат животите и здравјето на ангажираните и поканети да ги прослават празниците.
Министерството за внатрешни работи претходно денес објави дека се поднесени кривични пријави против шест лица под сомнение дека фрлале мразулци кон Бекута и членовите на оркестарот за време на концерт на плоштадот во Чачак, објави Б92.


