Синдикатот за образование на српскиот град Чачак, кој е мнозинскиот синдикат на просветните работници во тој град, најави прекин на работата в петок во сите училишта во Чачак во знак на поддршка за студентите од сите факултети кои протестираат и, како што се наведува, „се борат за воспоставување правен поредок во државата“.
Синдикатот ги повика сите просветни работници да се приклучат во поддршката на студентската борба и апелираат до надлежните органи итно да влезат во преговори со студентските претставници.
Образовниот синдикат Чачак е член на Синдикатот на образовните работници на Србија.
Директорите на сите основни и средни училишта во Чачак оценија денеска дека е неоснован и неприфатлив прекинот со работа во училиштата во Чачак што Синдикатот за образование го најави за утре како поддршка на студентскиот протест.
МИА


