Скапа обнова на Советскиот Сојуз

Последниот претседател на Советскиот Сојуз Михаил Сергејевич Горбачов на 25 декември во 1991 година ги предаде шифрите на нуклеарните постројки на претседателот на Русија Борис Николајевич Елцин, со што практично се објави распад на Сојузот на Советските Социјалистички Републики (СССР).

Денес, по 22 години, актуелниот руски претседател Владимир Владимирович Путин има намера работите да ги врати на некогашното место и да го обнови постоењето на евроазискиот џин. Впрочем, тој одамна светот го стресе со својот став дека распадот на СССР бил најголема геополитичка трагедија на 20 век.

Путин нема намера да направи чекор назад. Настанот од 1991 година не само што географски го измени изгледот на Стариот и Азискиот континент, туку на многу земји овозможи да се прилагодат на т.н. западни вредности и во целост да ги прифатат како свои. Некои со поголем а некои со помал успех. Претседателската идеја е со враќањето на старо, всушност да се појде напред, но заеднички со забрзано темпо.

Шефот на руската држава поаѓа од фактот дека Царинската унија (која за сега ја сочинуваат Русија, Белорусија и Казахстан), потоа Организацијата на договор за колективна безбедност ОДКБ, исто така основана во рамки на поранешните советски републики, па и Евроазиската унија, се доволна основа некои поранешни членки на СССР да прифатат заедничка работа и заеднички одговорности.

Меѓутоа, западните аналитичари идејата на Путин ја толкуваат како исклучителна намера на Москва повторно околу себе да ги собере советските браќа. Со други зборови, сојуз кој би бил создаден како пандан на ЕУ, или би се темелел на поинакви постулати од европските.

Путин токму тоа сака да го избегне и затоа не е чудно тоа што неговата иницијатива вклучува и соработка со некои осведочени евроазиски автократи. Како што наведува Фајненшел тајмс, целта на Москва е да изгради над државна политичка структура, што со себе повлекува делумно предавање на суверенитетите на останатите потенцијални земји членки. А во контактите со евроазиските лидери парите се тие кои најлесно ја отвораат секоја брава. Тоа се виде неодамна на примерот со Украина, како и Белорусија. Украина доби директна помош од 15 милијарди долари, а Белорусија од 7 и 12 милијарди и тоа на годишно ниво.

Колку и да е моќна и располага со големи резерви на сите можни енергенси, ни руската каса не е баш без дно. И тука би можеле да се јават проблеми. Бидејќи тешко е да се поверува дека Путин би бил подготвен својата 14 годишна популарност да ја загрози со успорен раст, па и намалување на животниот стандард на сопствениот народ и гласачи, поради добробит на жителите на некои други наводно пријателски држави, меѓу кои е и Египет, за која се одвоени 12 милијарди долари.

Од друга страна, таков пристап кон Евроазиски сојуз само дополнително би ги осоколило сите тие кои се склони на корупција, посебно во административниот апарат. А таа битка Русија се уште не ја добила ни на сопствен терен.

Финансиската помош на други држави секако не е руски изум. Впрочем, како што напоменува во својата книга Нова надворешна политика на САД, авторот Ханс Моргентау – помошта на другите држави всушност претставува исклучително ефикасно средство за поткупување на сојузници, иако се работи за непотребно трошење на средства.

И тој ја наведува Египет како пример за земја во која Вашингтон вложи многу, а доби многу малку.

Обновата на целосна соработка на поранешните советски републики сепак има длабоко оправдување. Пред се, се работи за компатибилност на стопанството, постоење на неопходна инфраструктура, бесцарински поволности, кои би влијаеле на поевтинување на источните производи и на европските и други светски пазари. Но, постојат и многу работи што го оптоваруваат овој проект.

Во прашање се пред сè, локалните војни кои како во Чеченија или во Дагестан се водат под плашт на борби против тероризам, или спорот околу Нагорно Карабах кои ги заматува односите меѓу Ерменија и Азербејџан…

За да се оствари идејата за целосно собирање на поранешните советски републики, свој збор мора да кажат и тие кои своевремено правеа се што можеа да ја растурат оваа голема земја. Тука пред се, се мисли на САД и нејзините стратешки партнери. Овој пат не се работи за некоја нова можна студена војна, иако секојдневно се ѕвецка и со оружје или со подигнување на нови берлински ѕидови. Во прашање е – работа.

Бидејќи ако Западот веќе мора да води сметка за кинескиот стопански бум, најмалку што му треба е нешто слично да се појави во рамки на евроазиска заедница.

А таква можност во денешната отворена размена на технологии ни најмалку не е исклучена.

]]>

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести