Скромен настап на биатлонката Кајевска на Зимските младински олимписки игри во Гангвон

Биатлонката Андријана Кајевска, прва од четворицата македонските спортисти, настапи на 4. Зимски олимписки младински игри во Гангвон, појавувајќи се денеска во трката на 10 километри.

Седумнаесетгодишната Кајевска имаше скромен настап и го освои 97. место во конкуренција на 98 натпреварувачки кои ја завршија трката.

Златниот медал го освои Илона Плехацова од Чешка, пред Германката Марие Кеудел и Најели Мариоти Кавањет од Италија.

На 4. Зимски олимписки младински игри во јужнокорејскиот град Гангвон настапуваат вкупно четворица македонски претставници.

Покрај Кајевска, во македонскиот состав се биатлонецот Благоја Најденоски, како и Давид Торевски и Матеа Трајковска, кои ќе настапат во крос кантри.

На Игрите во Гангвон се пријавени над 1.800 спортисти на возраст од 15 до 18 години од 80 држави. 

МИА

Најчитани вести