Премиерот Заев ја нагласи континуираната поддршка на Словенија за нашата земја. – Овојпат и Владата на Република Северна Македонија учествуваше во поддршка на проектот со 600.000 евра што е уште еден израз на посветеноста да го помага и поддржува развојот на општините, на локалните заедници, рече Заев. Државниот секретар Драгон истакна дека Словенија дава поддршка преку вакви проекти, бидејќи големо внимание посветува на обезбедување основните услови за граѓаните, како и за заштита на животната средина. – Словенија става акцент посебно на проекти што се наменети за обезбедување здрава вода за пиење, со трајни мерки за ублажување на климатските промени, како и управување со животната средина и рамномерен развој. Проектот „Ревитализација и надградување на постоечките објекти за водоснабдување во Пробиштип“ е пример за добра соработка меѓу владите на Република Северна Македонија и Словенија, како и на фирмите-изедувачи од двете држави, рече Драгон. Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Владата е посветена на ставање во функција на најсовремениот систем за водоснабдување, хидросистемот „Злетовица“, од кој засега вода добиваат само општините Пробиштип и Свети Николе, додека за општините Штип, Лозово и Карбинци оваа и наредната година ќе се инвестираат дополнителни средства за ставање во функција на филтер-станиците, но и за изградба на нови таму каде што нема. „ТАБ МАК„ најави и втора инвестиција вредна 25 милиони евра и 80 нови вработувања. Со работа наскоро ќе почне и производствениот капацитет на фабриката „Кранфилд Фаундри“. – Бројот на вработени од Пробиштип и околните населени места во „ТАБ МАК сега е 440, а со дополнителната инвестиција од преку 20 милини евра за реконструкција и проширување на капацитетите според најмодерни стандарди, до крајот на 2022 година ќе бидат отворени дополнителни 90 работни места, рече Заев по посетата на „ТАБ МАК“. По завршување на инвестицијата, „ТАБ МАК“ следната година ќе произведува три милиони акумулатори, а за оваа година е планирано да бидат произведени 1.700.000 парчиња. MИА]]>


