Случајно пронајдена бистата на Џим Морисон по речиси четири децении

Импозантната биста на пејачот на легендарната рок-група „The Doors“, дело на хрватскиот скулптор Младен Микулина, била сосема случајно пронајдена при претрес што го спровела Финансиската и антикорупциска единица на Криминалистичката полиција на Париз, како дел од истрага за измама. Ова го потврди париското обвинителство за RTL France.

Според објавената фотографија од полицијата, бистата изгледа зачудувачки добро сочувана – речиси идентична на изгледот што го имала пред 37 години.

Ова култно дело било поставено на 3 јули 1981 година, по повод десетгодишнината од смртта на Морисон, и седум години стоело на неговиот гроб на гробиштата Пер-Лашез во Париз. Илјадници фанови ја фотографирале бистата, сè до нејзиното мистериозно исчезнување една мајска ноќ во 1988 година – настан кој со години предизвикуваше шпекулации и теории.

Нејзиното неочекувано повторно појавување сигурно ќе разбуди нови интереси и сомнежи, особено бидејќи истражителите засега не откриваат кој бил во посед на скулптурата.

извор: frontline.mk

Најчитани вести