Месечната плата не влегува во пресметката за плаќање на придонеси на остварениот хонорар, изјави министерот за труд Диме Спасов. Според Законот придонеси за здравствено и пензиско осигурување ќе плаќаат оние чиј вкупен износ на хонорарот ја надминува висината на минималната плата – во случајов 9500 денари.
– Во законот е јасно наведено кои приходи и над кој износ се опфатени како задолжително социјално осигурување. Тоа значи ако земате плата и во текот на месецот остварите дополнителни 3.000 денари врз основа на авторски договор или договор на дело, не подлежите на обврската, изјави Спасов.
Според него, законот е концизен и јасен иако од авторските агенции велат дека се` уште го чекаат правилникот кој ќе содржи конкретни насоки за тоа во кои случаи настапува обврската за плаќање придонеси на хонорарите. Министерот исто така негираше дека на почетокот било предвидено од оваа обврска, покрај пензионерите, да бидат ослободени и избраните и именуваните функционери.
– Ова е обид за манипулација, не е вистина. Ние во секоја изјава што сме ја давале сме биле сосема јасни и концизни. Вие можеби зборувате за одреден работен документ, кој е објавен, во кој се содржани одговорите на прашања на странки, кои се јавувале. Законот не трпеше промени, законот е јасен и концизен, одговори Спасов на новинарските прашања.
Според бизнис заедницата, со новите законски измени, трошоците на работодавачите за ангажираните лица со авторски договори или како хонорарци ќе се зголемат за 35%.
Обврската за плаќање придонеси на хонорарите стапи на сила од први јануари откако во текот на летните месеци, без јавна дебата, Собранието ги донесе потребните законски измени.


