Царинската управа на Република Македонија вчера спречи два обиди за нелегално изнесување на марихуана од државата, во вредност од над 200 илјади евра. Првиот обид, како што информира денеска директорот на Царинската управа Ванчо Каргов, бил откриен во 13:30 часот на ГП Меџитлија, кога двајца патници, македонски државјани, од кои едниот со американско државјанство, се обиделе да пренесат марихуана.
– Лицата се обидоа на ГП Меџитлија да пренесат околу 30 килограми марихуана, сокриена во покривот на патничкото моторно возило. Цариниците се посомневале и извршија детален преглед и го открија случајот, изјави Каргов. Се претпоставува дека вредноста на запленетата марихуана e околу 200 илјади евра.
Во ноќните часови, на ГП Табановце, специјалните мобилни единици на Царинската управа откриле случај за пренесување марихуана кон Србија. Дрогата, вредна околу 10 илјади евра, била сокриена во пластични шишиња во резервоарот на моторното возило. Каргов информира дека двајцата полски државјани се задржани и се врши предистражна постапка.
– Од почетокот на годината досега имаме откриено околу 30 обиди за шверц на дрога, поединечно или заедно со МВР, или повеќе од 800 килограми само во делот на Царинската управа, рече Каргов.


