Стопиран е откупот на пиперката во Кривогаштани поради екстремното намалување на цените. Цената на првата класа која се продаваше за 30 денари сега е падната на 23 денари, а онаа прва-втора класа на пиперки се откупува за само 16 денари, чисто втората рака на пиперка се откупува за 11 денари. Земјоделците револтирани поради ова не го предаваат својот род затоа што велат дека воопшто немаат сметка и со овие цени биле во голема загуба. Над 20.000 тони на пиперки сега останува да стојат на нивите, а постои опасност од нивно скапување.
„Има нередовен откуп, има застој, луѓето имаат дел наберено многу пиперки, таа пиперка неможе многу да трае и постои опасност за неколку дена таа да скапи. Надлежните велат дека ќе се среди работата, ама од тоа еве ништо нема. На стартот цената на првата класа достигна и до 30 денари, а сега првата класа е 23 денари, прва-втора 16 до 18 денари, а само втора клас падна цената на 11 денари“, рече Маринчо Ѕвездакоски, земјоделец.
„Земјоделците се револтирани и не го предаваат својот род. Повеќе од 20.000 тони на пиперки стојат необрани на нивите во Кривогаштанско. Овој проблем треба под итно да го реши државата. Не се исплаќа ниту сами да ги береме пиперките, а не пак да платиме и аргати за берење. Штетите се огромни, оваа цена е чиста загуба. За да се исплати нашиот труд цената треба да биде од 26 до 30 денари, ние не бараме преку леб погача. Овде се манипулира или од страна на откупувачите или од страна на државата, а може едноставно да се реши, ако неможе преработувачките капацитети да ги откупат пиперките тогаш нека се зголеми извозот“, вели Љупчо Папучкоски.
Земјоделците велат дека опасноста за скапување на пиперките веќе чукала на врата, секој ден врнело, а можело да падне и слана со што ќе се оштетел целиот род.
„Државата треба да помогне најитно што може, зато што ако се решава ова по еден месец се ќе биде залудно“, кажа Васка Грашкоски, земјоделец.
„Пиперката веќе започна да скапува, таа е презреана, мора државата да го реши ова под итно“, Љубе Граороски, земјоделец.
„Ние треба како земјоделци да формираме Синдикат кој ќе се бори за нашите права. Тој Синдикат ќе не обедини сите, без тоа ние само ќе тониме, затоа што вакви проблеми често се случуваат со сите земјоделски култури“, додава Папучкоски, земјоделец.
Откупувачите велат дека за да се надмине овој проблем требало под итно да се одржи состанок со претставници на Владата, министерството за земјоделстви и преработувачките капацитети.
„Во моментов тече откупот на пиперката во Кривогаштани, цените се ниски и земјоделците нормално реагираат на тоа. Ние имаме преголем квалитет на пиперките оваа година, а цената за првата класа падна на 23 денари, што се нема случено години наназад да биде толку ниска. Ако го споредиме со лани кога цената беше 30 денари, сега е навистина ниска. Се случи во исто време да излези пиперката и во струмичко и кај нас, дојде до хиперпродукција, а исто и преработувачките капацитети кај нас во овој период најмалку откупуваат и затоа падна цената. Очекуваме државата да не викне на разговор бидејќи се соочуваме со голем проблем, допрва треба да дојде уште поголема количина на пиперки и тоа мора да се реши. Земјоделците поради револт не сакаат ниту да ги носат пиперките кај нас. Треба на иста маса да седнеме ние како откупувачи, преработувачи и Владата и да се откупи овој род на пиперката и да се олесни извозот“, вели Рубинчо Благадуша, откупувач на пиперки.

Од државниот земјоделски инспекторат кој денеска беа во Кривогаштани велат дека падот на цената на пиперката се случил поради хиперпрокцијата на оваа култура.
„Проблемот со цената настана бидејќи оваа година имаме хиперпродукција заедно излезе пиперката и во струмичкиот и во овој регион во исто време. Сега имаме поголема понуда, а намалена побарувачка и се случи пад на цената. Од 25 денари просечна цена, сега таа падна на 16 денари. Тоа е резултат на состојбите кои ги има и во регионот. Србија и Хрватска ги блокираат границите, се стопира протокот на стоки и тоа се одразува и кај нас. Максимално ќе дадеме поддршка на земјоделците и ако треба ќе дадеме и дополнителни мерки со цел овој род да се прибере“, рече Румен Стаменов, директор на државен земјоделски инспекторат.
И од општината велат дека постојано биле во контакт со надлежните во министерството за земјоделство за да се надмине оваа криза.
Извор:Патоказ




