Струмичкиот „кавијар-ајвер“ се подготвува повеќе од половина век

-Откако пиперките ќе се исчистат од семето и ќе се испечат, следува отстранувањето на лушпата. Убаво се мијат и се оставаат да стојат во цедилник или во мрежаста вреќа. Најубаво е да отстојат цела вечер и да се подигнат на повисоко за убаво да се исцедат. Другиот ден ситно се мелат и се ставаат во големо тенџере на печката. Откако смесата ќе се затопли се додава маслото за јадење, обично еден литар на десет килограми пиперки. Се додава сол и постајано се меша. За оние кои сакаат ајварот да биде лут се додаваат мелени црвени везени пиперки. По три-четири часа црвениот деликатес е готов. Се вади и се собира во претходно затоплени тегли, го кажуваат рецептот постарите струмичанки, кои „ајверо“ го подготвуваат исклучиво од црвени пиперки од сортата „куртовска капија“, без кои нема оригинален рецепт. Тие, пак, што во црвените пиперки додаваат модри патлиџани велат дека подготвувањето на струмичкиот кавијар е исто, само што патлиџаните, исто така, се мелат и се додаваат на смесата. Најдобриот сооднос треба да го утврди секој во зависност од големината на модрите патлиџани, односно како што велат струмичани на што сакаат повеќе да им влече ајварот-на „чушки“ или на модри патлиџани. Некаде од седумдесетите години на минатиот век во Струмичко почнала масовно да се одгледува црвената пиперка од сортата „куртовска капија“.Таа е мазна од двете страни и содржи многу суви материи и е најпогодна за подготвување ајвар. Во последно време, поради негрижата за зачувување на семенскиот материјал, ја има се помалку и се одгледува на отворено само во неколку села во Струмичко. На нејзино место се одгледуваат други хибридни сорти, но тие се одликуваат со присуство на голема количина вода, па кога се пече оваа пиперка многумина на шега велат дека од нив може да угасне огнот. До пред неколку години на плоштадот се одржуваше манифестацијата „Струмичка ајверијада“, на која масовно се консумираше ајвар намачкан на леб и се прогласуваа најдобрите „ајверџики“. Манифестацијата ја организираше општината, но без некое поголемо објаснување истата згасна. Ристо Тасев Извор МИА]]>

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Ударни вести

Најчитани вести