Иако годишните суми за субвенции во земјоделството во последните седум години се зголемени за повеќе од 3 пати, се зголемил и увозот на храна. Земјоделците и агроекспертите ги гледаат причините во погрешната распределба на субвенциите, недоволната едукација на земјоделците, слабата реализација на планираните суми и партиската распределба
Светска банка предупредува дека ако субвенциите не успеваат да ја зголемат конкурентноста и да генерираат раст на производството, ќе имaе последици врз вкупната економија
Субвенциите за земјоделството и руралниот развој од 2008 година наваму се зголемија за повеќе од три пати. Ако пред седум години за оваа намена имало по 45 милиони евра годишно, за годинава се планирани 150 милиони евра, по колку што е планирано да се издвојува за субвенции секоја година до 2020.
Иако се очекуваше субвенциите да го намалат увозот на храна, сепак се случува спротивното. Увозот на земјоделско-прехранбени производи пораснал за 120,5 милиони евра од 2008 до 2013 година, а голем пораст има и вкупниот увоз на храна кој во 2006 година изнесувал 3 милијарди евра, а во 2013-та година речиси 5 милијарди евра.
Зошто субвенциите не го намалуваат увозот на земјоделско-прехранбени производи ?
Дел од земјоделците и агро-експертите сметаат дека субвенциите не ги дале очекуваните резултати поради нивна погрешна распределба, недоволна едукација на земјоделците и слаба реализација на планираните суми, но и партиска распределба на субвенциите.
„Поради карактерот на земјоделското производство, треба да помине одреден период од вложувањето до почетокот на повратот на инвестициите. Можеби тој период не е поминат. Можно е средствата наменети за субвенции да не се реинвестирани во земјоделството, туку во нешто друго што е поатрактивно. Крајно, постои голема веројатност дека има разлика помеѓу декларираните дадени субвенции и реализираните средства. Сигурно дека една третина од наведените суми по години не се доделуваат. Бидејќи намерата за зголемено производство не се реализира, најверојатно има големи промашувања во распределбата на средствата внатре по гранки и категории. Нема анализа за ефектот од даденото и добиеното. Постои и слаба едуцираност на земјоделците“, оценува д-р Јован Аждерски, професор на Катедрата за агроекономика при Факултетот за земјоделски науки и храна.
Експертите укажуваат и дека е особено важно дали земјоделецот ќе ги искористи парите од субвенциите за инвестиции или поради лошата финансиска моќ ќе ги потроши за домашни потреби.
„Кај долгогодишните насади би требало да поминат три до четири години за да почнат да даваат род, а кај сточарството тој период е пократок, од две до три години. Треба да се потенцира дека со оваа директна помош, сепак, располага земјоделецот и тој одлучува како ќе ги искористи парите, а за тоа досега никој не направил истражување и субвенциите често пати се сведуваат на купување социјален мир. Врската меѓу финансиската поддршка на земјоделството и обемот на земјоделското производство и извоз не се истражувани, меѓутоа не може да нема влијание врз зголемувањето на вкупното производство и на извозот. Сигурно е дека генералната рурална политика која се наметна со релативно високи финансиски средства за поддршка е исправна и добра, иако е тоа само еден сегмент од аграрната политика. До некаде може да се тврди за погрешни политики во распределбата на средствата за поддршка. Од една страна – структурата на средствата по години (кои се неконзистентни) а, од друга – производните резултати како што се обемот на производство и вредноста на земјоделските производи“, вели агроекономистот Борис Анакиев.
Податоците од Нацрт-стратегијата за земјоделство 2014-2020 година покажуваат дека иако расте извозот на земјоделско-прехранбени производи, паралелно, со позабрзано темпо расте и увозот. Поради тоа расте и дефицитот, односно разликата помеѓу поголемиот увоз и помалиот извоз на храна, кој од 2006 до 2013 година се зголемил двојно и сега изнесува повеќе од 150 милини евра годишно.
Целата анализа прочитајте ја на ПРИЗМА


