Тројца загинати и 20 повредени малолетници во пожарот во Кочани

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, соопшти дека досега се утврдени повеќе од 20 повредени малолетни лица, како и три починати малолетници во трагедијата во дискотеката во Кочани. Од повредените 22 лица се во критична состојба и дел од нив ќе бидат пренесени на лекување во Грција, Бугарија, Србија и Турција.

„Според првичните информации, во дискотеката имало околу 500 лица, а досега е потврдено дека биле продадени приближно 250 карти“, изјави Тошковски.

Тошковски информираше дека МВР, во координација со Јавното обвинителство, досега осомничи над 20 лица, од кои околу 15 се приведени и се наоѓаат во полициска станица.

„Дел од приведените имаат директна вина за овој кривично-правен настан, според доказите што ги поседуваме. Приведено е и лицето кое се смета за организатор на настанот“, рече Тошковски.

Меѓу приведените се поранешен државен секретар на Министерството за економија, актуелен или поранешен раководител на еден од секторите во министерството, поранешен директор на ДЗС, како и тројца вработени во дирекцијата. Во Кочани, пак, приведени се лица кои се сметаат за организатори на настанот, а дел од нив биле вклучени во обезбедувањето.

Тошковски потенцираше дека фирмата која го организирала настанот нема легална лиценца за работа.

„Не би откривал повеќе детали бидејќи истрагата е во рана фаза. Но, можам да кажам дека и оваа лиценца, како и многу други во минатото, е поврзана со мито и корупција“, изјави тој.

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести