Филипче: Се потврди дека Левица е контролирана опозиција од Мицкоски

Во одговор на новинарско прашање претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска рече дека со последните предлози поврзани со Изборниот законик уште еднаш се потврдило дека Левица дејствува како контролирана опозиција на Христијан Мицкоски.

„Вчера видовме уште една потврда дека Левица е контролирана опозиција од страна на Мицкоски и ВМРО. Предлагаат усогласување на ставовите на опозицијата по налог на Мицкоски. Какво е тоа обединување на ставовите на опозицијата околу изборната единица? Кои се тие да иницираат нешто по наредба на Мицкоски? Нашите ставови се јасни. Ние немаме проблем со една изборна единица, ниту пак имаме проблем и го поддржуваме тоа да се зголемат финансиите за помалите партии, на сметка на наше намалување на финансиите кои ги добиваме од државата. Немаме проблем и го поддржуваме тоа“, истакна Филипче.

Тој посочи дека клучниот проблем е предлогот за поинаков начин на гласање на дијаспората, кој отвора сомнеж за изборна кражба и манипулации со гласовите.

„Не може да има член кој што дозволува поинаков начин на гласање на дијаспората, кој што отвора сомнеж за изборна кражба. Тоа нека го тргнат“, порача Филипче.

Дијаспората и сега гласа според исти критериуми како граѓаните во земјата, додека предложениот модел не нуди јасни контролни механизми односно е обид на власта за изборен грабеж, додаде тој.

„Дијаспората и сега гласа. И гласа со истите критериуми како што гласаме ние тука, само што гласа во конзулатите и амбасадите. Сега се предлага модел кој што отвора можност за злоупотреба. Како ќе се контролира електронското гласање или праќањето писма по пошта?“, праша Филипче.

Тој нагласи дека власта не предлага контролен механизам, што дополнително ги засилува сомнежите дека целта е да се создаде простор за изборни злоупотреби.

„Прашањето е зошто Христијан Мицкоски инсистира да се смени начинот на гласање на дијаспората. Тоа е суштинското прашање, на сметка на сè друго. Не предлага власта, освен овој предлог, и контролен механизам, што го потврдува сомнежот дека сакаат да протнат механизам за кражба на изборите. Ништо друго“, рече Филипче.

Филипче додаде дека СДСМ бара целокупниот изборен материјал да ѝ биде достапен на Државната изборна комисија, јасно да биде утврден начинот на гласање и да се имплементираат сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР.

„Тоа се нашите барања: да биде на располагање на Државната изборна комисија целокупниот изборен материјал, јасно да биде обележано дека се гласа со заокружување на бројот пред името, односно партијата, и да се имплементираат сите препораки на ОБСЕ и ОДИХР. Има ли нешто покоректно од ова?“, рече Филипче.

СДСМ Центар за комуникации со јавноста

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести