По повеќе од 20 години криење низ светот, во Грција е уапсен Лајонел Димон (Димон), осуден криминалец за воени и други злосторства во Босна и Херцеговина и Франција, потврдено е за Politicki.ba.
Интерпол ги известил властите на Босна и Херцеговина за неговото апсење, а Министерството за правда на Босна и Херцеговина во моментов подготвува документација за негова екстрадиција.
Димон е со француско потекло, роден во христијанско семејство, но во 1990-тите го прифатил исламот и дошол во Босна и Херцеговина, каде што се приклучил на муџахедините за време на војната. Сепак, неговиот живот потоа го одбележале низа тешки злосторства.
Тој бил осуден за убиство на полицаец во БиХ, за што му била изречена казна од 20 години затвор, но од затворот во Сараево побегнал на 26 мај 1999 година.
Сега, на 54-годишна возраст, тој бил уапсен во грчкиот град Ираклион, и тоа случајно – при рутинска контрола. Тој имал дури 29 лажни идентитети и три различни државјанства, вклучувајќи француско, италијанско и туниско.
Интерпол БиХ претходно издал црвена потерница по него, откако во 1996 година убил чувар на продавница за време на вооружен грабеж. Покрај потерницата, против него биле изречени посебни мерки за надзор поради јавната безбедност, како и национална забрана за влез во неколку земји.
Грчката полиција соопшти дека апсењето го извршиле припадници на Одделот за истраги на криминал во Хераклион и полицискиот оддел на аеродромот во Ираклион, во соработка со Интерпол.
Димон претходно бил уапсен во Франција во 2004 година, каде во 2007 година бил осуден на 25 години затвор, но успеал да побегне и од францускиот затвор.
После тоа, со години ја избегнувал правдата, движејќи се низ различни земји во светот – вклучувајќи ја и Јапонија, каде што живеел некое време.
Неговото апсење сега ја отвора можноста дека, по децении во бегство и користење на бројни лажни идентитети, тој конечно ќе се соочи со правдата во БиХ и/или Франција, објави Нова.рс.


