„Јаглеродната давачка или воопшто целокупното законодавство е дел од поглавјето на царинската унија, каде што е како дел од обидите за декaрбонизација на општеството и на Европската Унија со кои се предвидува елиминирање на големите загадувачи, односно воведување на таа јаглеродна давачка при извозот, односно при увозот на стоки во Европската Унија“, вели во интервју за Рацин.мк Златко Ветеровски, помошник директор во Царинската Управа на Северна Македонија.
Тој додаде дека од 1 октомври македонските компании имаат обврска само да го искажуваат степенот на во наводници така кажано “лоша енергија” која што е добиена од јаглен. Од 1 јануари 2026 година ќе треба да се наплаќа јаглеродна давачка при увоз. Во тој транзиционен период е предвидено, ако Северна Македонија воведе систем за оданочување на јаглеродните емисии кои што потекнуваат од необновливи извори на енергија, таа давачка да не се наплаќа при увозот во Европската Унија.
„Во овие периоди ние како држава имаме постигнато голем напредок, во вкупното учество на производството на енергија кое што е од обновливи извори, односно Северна Македонија има постигнато висок степен на декарбонизација и воопшто ние како Царинска управа во тој процес на прилагодување постојано ги советуваме компаниите како да ги намалат овие ризици за да не бидат подложени на плаќање на оваа давачка при извозот во ЕУ“, истакна Ветеровски.
Тој заклучи дека она што е конкретно важно да се каже, дека сите напори придонесуваат воопшто за поголема употреба на зелената енергија, што во крајна цел би значело почист воздух, почиста животна средина во која што сите ние настојуваме да бидеме, и тој ефект треба да е пред се воведен од ЕУ како еден вид водилка или насока за помош на земјите кандидтати за членство, за да се повеќе и повеќе да ги следат тие трендови за декарбонизација во Европската Унија.


