Почетната откупна цена од 6 денари за парче лута пиперка е повеќе од добра. Во пластениците на 36 годишниот Даме Тренчовски, распослани на околу 4,5 декари, масовно стасуваат лутите пиперки. Вели дека со работа почнува во ноември, семките ги расадува во декември во топлите леи, а во јануари расадот се пренесува во пластениците.
-Годинава очекувам повеќе производство. Имам засадено повеќе, се ширам што е најважно и тоа значи дека сум задоволен. Годинава одам со 4,5 декари што во споредба со лани е повеќе за 1,5 декари. Тоа значи зголемување и на вкупното производство, односно ако лани сум набрал еден милион парчиња, годинава очекувам двесте илјади повеќе, за Агротим вели Тренчовски.


