Почетокот на сезоната за наводнување официјално започна во Подружницата Брегалница – Кочани, а навремено ќе започне и во останатите подружници на АД Водостопанство на Република Македонија. Подружницата Брегалница – Кочани ги опфаќа општините Штип, Кочани, Свети Николе, Виница, Делчево, Пехчево, Македонска Каменица, Зрновци, Чешиново Облешево, Лозово и Карбинци.
Министерот Николовски посочи дека каналите за наводнување и акмумулациите се подготвени за навремено и квалитетно наводнување на земјоделските површини во земјава.
-АД Водостопанство со зајакнат капацитет и со нова механизација, веднаш по завршување на сезоната 2017, се фокусираше на чистење на каналите но и почеток на реконструкција на одредени системи. Верувам дека оваа година земјоделците нема да ги имаат проблемите со кои се соочија минатата година. Доцното пуштање во претходната година предизвика низа штети за земјоделското производство. Ако сакаме да имаме модерно и иновативно земјоделство, кон кое што се стремиме на долг рок , водоснабдувањето е основата кон која што треба да се фокусираме, изјави министерот Николовски.
Од АД Водостопанство информираа дека акумулациите кои се наоѓаат на подрачјето на дејствување на Подружница Брегалница Кочани се со максимална акумулирана количина на вода и се очекува успешна наводнителна сезона.
Со цел зголемување на површините кои се наводнуваат, МЗШВ интензивно работи на инвестиции во водостопанството, со цел зголемување на наводнуваните површини и постепено проширување на хидросистемите на целата територија. Со Програмата за рурален развој 2018 година се обезбедени 11 милиони евра за инвестиции во водостопанската инфраструктура. Дополнително во тек се и проекти за изградба и реконструкција на хидросистемите, кои се финансирани од националниот буџет и од странски фондови. Започнат е проектот за изградба на мали еколошки системи за наводнување со помош на ИПА во износ 1,8 милиони евра, со кој што е планирана изградба на 8 до 10 мали системи за наводнување, а оваа година започнува изградбата на три системи за наводнување. Дел од клучните проекти во областа на водостопанството на чија што реализација работи МЗШВ, се изградба на систем за наводнување во рамки на Проектот Јужно вардарска долина втора фаза, брана Конско, брана Речани, систем за наводнување Равен –Речица , брана на река Слупчанска, изградба на систем за наводнување и хидроцентрали во рамки на ХС Злетовица.
]]>


