Неодамнешното протерување на петтемина руски дипломати не е прво протерување на руски дипломати од Македонија. Првпат, Македонија протера руски дипломат во 2018 година, кога беше забележително не само засилено руско пропагандно влијание, туку и обид за руско политичко влијание преку поддршка на македонскиот клон на „Единствена Русија“
Руското влијание во Македонија не е само преку „руската салата“
Уште пред почетокот на 2018 година, амбасадата на Русија во Македонија се обиде да се пошегува на тема „зголемување на руско влијание“ објавувајќи фотографија од „руска салата“, која најмногу се консумира за време на новогодишните празници. Но, што се однесува до темата „руско влијание“ и „украинско сценарио“, ѓаволот веќе одамна ја имаше однесено шегата (види анализа 1 и 2). Како и изминатите неколку години, во декември 2017 г. руски пропагандисти објавуваа мрачни предвидувања за снемување на Македонија од картата на светот и за поделба на Македонија помеѓу Албанија и Бугарија (Видете АНАЛИЗА НА АНДРЕЈ КОРИБКО: Ќе ја снема ли Македонија од картата на светот во 2018 година?). Локалните руски гласноговорници, пак, ширеа апокалиптични предвидувања дека „Македонија е избрана како место каде што ќе започне следната војна, односно светскиот конфликт помеѓу НАТО и Русија“.

Еден месец по предвидувањето за авангардна „трета сила“ во Македонија, која ќе се борела за нејзина заштита од разнебитување, на политичката сцена се појави таков кандидат. Тоа беше партијата „Единствена Македонија“, која отворено се залагаше за сојуз со Русија и водеше црна кампања против НАТО и ЕУ.
„Единствена Македонија“ против „фашизмот“ на НАТО и ЕУ
Веднаш по преименувањето, претставници на „Единствена Македонија“ ги прогласија НАТО и ЕУ за фашистички институции. Лидерот на партијата со нов проруски идентитет го жигоса НАТО не само како „фашизоидна“, туку и како „геноцидна организација за Македонците со обидот за промена на нашето вековно име и идентитет.“ Во јануари 2018 г. „Единствена Македонија“ предложи автопатот кон Грција да се нарекува геноцид наместо пријателство и побара од Владата да го повлече барањето за членство во ЕУ, согласно нејзината стратешка цел за членство во Евроазиската економска унија и стратешко партнерство со Русија. Исто така, „Единствена Македонија“ објави дека започнала постапката во Собранието против членството на Македонија во НАТО, со која се обезбедува „опстанокот на Македонија и Македонците“.

Додека медиумите ширеа фама дека Македонците го преферираат рускиот претседател за свој лидер, рускиот амбасадор Шчербак тврдеше дека Русија ниту се мешала ниту се меша во внатрешните работи на Македонија. Додека Лавров предупредуваше дека ширењето на НАТО со Македонија е грешка, лидерот на „Единствена Македонија“ се обидуваше политички да мобилизира со дезинформирачки антиалбански пораки и со пораки против „фашистичко барање за промена на името и идентитетот за членство во Унијата“.
Бачев објави и две отворени писма. Првото писмо беше адресирано до претседателот на ЕК, во кое упати порака дека Македонија „не ја гледа својата иднина во ЕУ и НАТО и не ги дели вашите либерални вредности во спротивност со природните законитости…“. Второто писмо беше адресирано до Путин, во кое Бачев му ја честита победата заблагодарувајќи му се за руската поддршка и изразувајќи верба дека во неговиот мандат „Република Македонија ќе го добие историскиот стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“.
Руската пропагандна офанзива против НАТО и ЕУ
Во февруари и март 2018 г. веќе беше видливо дека проруската пропаганда во Македонија е во политичка „офанзива“. На пример, во тогаш најгледаната емисија „Само вистина“ на 20 февруари 2018 г., „дебатираа“ двајца проруски пропагандисти на тема „Има ли Македонија алтернатива на ЕУ и НАТО?“. Гостите беа единствени во водење негативна кампања против ЕУ и НАТО, во оцрнување на прозападната влада и во исмејување на приврзаниците за влез во НАТО и ЕУ. Во истата емисија претставникот на „Единствена Македонија“ упати експлицитни антиалбански пораки дека Албанците „ќе имаат две можности – или да почнат да го учат рускиот јазик или да се научат да пливаат, и тоа го велам ептен сериозно“. И лидерот на „Единствена Македонија“ Бачев гостуваше во истата дебатна емисија на почетокот на март 2018 г., кога тврдеше дека „стратешкиот сојуз со Русија го обезбедува опстанокот и иднината на Македонија“. Гостинка на „Само вистина“ во март беше и колумнистката, професорката Билјана Ванковска, како прва потписничка на манипулативниот проглас на интелектуалци кои побараа прекинување на преговорите за името. Ванковска, автор на колумната Нобелова награда за Путин: А, зошто не? (во „Руска реч“), претходно го промовира слоганот „НЕ за НАТО, дури и под уставно име!“.
Покрај обидите за заплашување со „брутална албанизација“, „Единствена Македонија“ постојано играше на „антифашистичка“ карта, претставувајќи го „Западот“ како фашистички. Така, на пропагандната сеанса на која почесен говорник беше рускиот пропагандист и геополитичар Александар Дугин, гласноговорникот на „Единствена Македонија“, Влахов Мицов, ем ширеше дезинформации за бројноста на Албанците во Македонија („13.6 отсто малцинство“) ем го оцрнуваше Западот како фашистички рајх кој целел да го уништи словенскиот свет: „Моментално, САД, НАТО и ЕУ го составуваат четвртиот фашистички рајх, чиј претходник е третиот хитлеровски… целта на овие нови хитлеровци е целосно уништување на словенскиот свет на чело со Русија…“.
„Единствена Македонија“ и Дугин ѝ понудија на македонската јавност не само негативна пропаганда кон Западот и либерализмот, туку и политичка алтернатива во Евроазиската унија и „словенското братство“ (види повеќе: Пропагандистот Дугин, сатанизацијата на Западот и апологијата на рускиот империјализам).
Пишува: Жарко Трајаноски, медиумски аналитичар
Повеќе на линкот: Вистинометар.мк
]]>


