По доставувањето на Иницијативата до Џафери, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски на прес-конференција апелираше до власта да прекине со постапката за попис.

– Ја повикуваме власта да се одважи и да го одложи пописот за 2022 година, да направат забелешки во текстот на законот и да го подобри за да може да имаме онаков попис каков што е потребен за развој на државата, бидејќи сегашниот текст на законот за попис нема да донесе ништо што е различно од она што го имаме ние како државјанства во Република Македонија, истакна Сајкоски.
СДСМ, од своја страна, оцени дека нема да успеат обидите на ВМРО-ДПМНЕ да го закочи овој процес важен за граѓаните и за иднината на државата.
– ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се однесува несериозно кон важни прашања како што е најобемната статистичка операција – пописот. Законот за попис, кој денеска ВМРО-ДПМНЕ го оспорува, се подготвува од март 2018 година, а пред да влезе во собраниска процедура во него беа вградени забелешки на опозицијата, а активно вклучени и консултирани беа и експерти, реагираше СДСМ преку партиско соопштение.

Според СДСМ, токму поради политичките калкулации на ВМРО-ДПМНЕ пропадна пописот во 2011 и државата 19 години земјата е без попис, а сега опозициската партија прави се „државата да изгуби уште една година без да добие целосни, точни и релевантни податоци, важни за креирање на долгорочни политики“.
– Пописот кој ќе се одржи оваа пролет, ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди, согласни сите пракси на Евростат и Обединетите Нации, по цели 19 години Државниот завод за статистика ќе спроведе попис кој ќе донесе точни и целосни податоци за населението и домаќинствата, посочија од СДСМ.
Предвидено е пописот да се одржи во првата половина на април годинава. Со него треба да се обезбедат податоци за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население и вкупно попишано население – категорија која ги опфаќа претходните две категории население.
MИА
]]>


