Гасоводот „Јужен поток“ ќе привлече 1,5 милијарди евра инвестиции во Србија, се наведува во соопштението на руската државна компанија „Газпром“.
– „Јужен поток“ ќе ги забрза интеграциските и економските процеси во регионот и ќе привлече повеќе од 1,5 милијарди евра инвестиции во Србија и ќе создаде 2.500 работни места за време на изградбата на гасоводот, изјави директорот на „Газпром“, Алексеј Милер.
Тој најави дека набрзо ќе почне изградбата на гасоводот „Јужен поток“ и во Унгарија.
Во село Шајкаш, Војводина денеска почна изградбата на дел од гасоводот „Јужен поток“ на територијата на Србија.
На официјалниот почеток на изградбата „Јужен поток“ присуствуваа претседателот на Србија, Томислав Николиќ, премиерот Ивица Дачиќ, министерот за индустрија, природни ресурси и просторно планирање Милан Бачевиќ, рускиот министер за енергетика Александар Новак и директорот на „Газпром“ Алексеј Милер.
Николиќ истакна дека „Јужен поток“ е енергетски проект на векот.
– Србија испраќа јасен сигнал кон инвеститорите дека е сериозен партнер, посочи Николиќ.
Премиерот Дачиќ посочи дека првпат во 40 години Србија гради нешто големо.
– Тоа е најголем проект на територијата на Србија, но проектот не е голем само за нашата земја, туку и за Европа, посочи Дачиќ.
Изградбата на гасоводот „Јужен поток“ ќе чини 16 милијарди евра и ќе пренесува руски гас преку цевковод под Црно Море и по копно, преку Бугарија, Србија и Унгарија до потрошувачите во Западна Европа.
Се водат разговори за изградба на дополнителни краци од гасоводот „Јужен поток“ кон Република Српска во Босна и Херцеговина и кон Македонија.


