Во студентски домови само за студенти до 30 години

Собраниската комисија за образование, наука и спорт денеска на седница заклучи дека предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, по скратена постапка, е прифатлив и го проследува на натамошно читање.

Предлагачи на законот се пратениците Даниела Христова, Каролина Насковска, Иванка Василевска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Пратеничката Христова рече дека со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард се дополнува условот за сместување и исхрана на студентите во државните студентски домови, така што се дефинира старосната граница за прием во студентски дом и се доуредува постапката за изрекување воспитни мерки за студентите доколку не се придржуваат до куќниот ред на домот.

– Измените се однесуваат на член 24 став 1, каде по зборовите: „живеење“ се става запирка и се додаваат зборовите: „а кои не навршиле 30 години на денот на поднесување на барањето за прием во државен студентски дом“. Со овој член се прецизира старосната граница за прием во студентски дом со цел да не се прават злоупотреби и во домовите да се сместуваат оние на кои навистина им е потребна ваква поддршка. Се менува и членот 27 кој се однесува на придржување на куќниот ред во студентските домови така што на оние студенти кои не се придржуваат може да им се изрече воспитна мерка, писмена опомена, опомена пред отстранување и забрана за користење на услугите во студентските домови на целата територија на Република Македонија и забраната може да биде од една до пет години, рече Христова.

Додаде дека целта на измените на законот се обезбедување поголема правна сигурност, заштита, безбедност во домовите и условите за престој.

Комисијата не прифати шест амандани поднесени од пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, со кои меѓу другото бараше исклучок од возрасната граница за лица со попреченост, како и да се утврди правото на студентот да покрене управен спор пред Управниот суд за да му се отвори патот до Европскиот суд за човекови права. 

МИА

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести