Група вооружени лица во воени униформи и со руски ознаки изминатата ноќ го зазедоа аеродромот во кримскиот главен град Симферопољ, но по неколку часа се повлекоа од него, јавија руските медиуми.
Според очевидци, околу 50 вооружени мажи пристигнале на аеродромот со три камиона од тиопт „КамАЗ“ без регистерски таблички и препознатливи знаци. Тие прво го блокирале терминалот за внатрешни летови, по што влегле во аеродромот.
Официјален претставник на аеродормот подоцна соопшти дека вооружените лица го напуштиле аеродромот.
– Тие мислеа дека тука слетал украински десантен авион, но кога видоа и се уверија дека нема нешто такво, се извинија и си заминаа, изјави аеродромскиот претставник.
Тој додаде дека аеродромот работи нормално, сите летови се извршуваат според распоредот.
ИТАР-ТАСС јави дека пред аеродромот патролираат неколку лица во маскирни униформи вооружени со автоматски пушки и блиндирани возила.
Според западни медиуми, десетина вооружени мажи во војнички униформи се наоѓаат пред влезот на аеродромот. Тие одбиваат да одговорат на прашањата од која националност се. Таму се наоѓаат, исто така, и десетина цивили на различна возраст, кои говорат руски, објаснувајќи дека „дошле за да го оддржуваат редот“.
– Сите ние сме доброволци и тука сме за да не дозволиме слетување на фашисти или радикали, кои доаѓаат од западна Украина, изјави еден од вооружените цивили, кој се претставил како поранешен милиционер.
]]>


