Кон барањата за стечај се придружија и 800 вработени од кавадаречки Еуроникел. Таму го гледаат спасот за трите плати, кои им ги должи фирмата, порано позната како Фени. Вработените ги пријавија своите побарувања, откако пред нова година фирма од Прилеп која има побарувања од Еуроникел побара отворање стечајна постапка.
Судот во Кавадарци веќе закажа рочиште на 2 февруари, кога треба да почне претсечајна постапка во која ќе се утврдува колку и кому должи компанијата. Работниците се надеваат дека преку стечајот, тие први ќе бидат обесшетени.
Еуроникел не прозиведува веќе пет месеци, откако сопствениците од швајцарско-бахамската Џи Сол ја напуштија фабриката. Во меѓувреме, целиот имот преку активирана хипотека го презеде Комерцијална банка, која е најголем доверител, поради кредит кој Еуроникел го зел од банката и не го вратил.
Сега Комерцијална преговара со нов инвеститор кој би го купил комбинатот и би продолжил со работа. Од Синдикатот велат дека според нивни информации, прашање на денови било кога ќе се објави продажбата. Иако прашавме, до почетокот на овие вести од банката не добивме одговор до каде се преговорите. Во меѓувреме, иако четврти месец се без плата, вработените се оптимисти во позитивен исход.
Во моментов, на работа одат само 100 вработени. Останатите чекаат позитивни вести. Во игра за нов сопственик се тукрскиот гигант Јилдирим, но и една домашна компанија од металската индустрија.
извор: 24.mk


