За идеалите, соништата…се сеќавате ли?

Во последно време речиси секој разговор со едикојси го започнувам со зборовите ,,се сеќаваш ли,,?!И на едниот му велам, се сеќаваш ли на моите другари од детството Илмија, Низам, Шеќера и Нермин? На нивниот дедо Риза? Дека додека заедно учевме да правиме пудинг, никој никогаш не праша кој на која етничка група припаѓа. Впрочем не верувам дека некој од нас ,тогаш, знаеше што е тоа. Искрено и сеедно ни беше. И тогаш и сега.Си останавме другари.

На другиот му велам,се сеќаваш ли кога почина пилето што децата од нашата улица заеднички го купија од пазар? Се сеќаваш ли,каков погреб му организиравме? Едногласно се согласивме дека животните заслужуваат почит. И одново ,се сеќаваш ли како другарски го делевме точакот на Низам ,што му го испрати мајка му од Германија? Од десеттината деца на речиси иста возраст во нашето маало никој друг немаше. И никогаш немаше кавга. Се знаееше чиј ред е за возење. А кога падна тригодишната Нермин од балконот на третти спрат,се сеќавате? Јас се сеќавам! Се постаро од дваесет и пет години во улицата замина на болница со неа. Кога после еден ден се врати здрава-жива беше општа веселба во улицата.

На братучедите му велам ,се сеќавате ли кога дедо ја собирашe фамилијата(синовите,снаите,внуците) и ни лупеше јаболка и на секој ни поддаваше по едно. Не ни се јадеше на сите, ама сите јадевме. Од почит спрема главата на куќата. Се сеќавате каква тишина беше во куќата кога дедо спиеше. Од почит. Се сеќавате, пак им велам на братучедите, кога стрикото кој беше шнајдер не испрати да однесеме костум кај еден муштерија, а тој за трудот ни даде пет илјадарка (од тие со мотор). А ние тројца една недела не излегувавме од слаткарница, а и секое сабајле си купувавме од она супер,супер со суво грозје,лешник и со ориз. Се сеќавате,нели? Дека не можевме да ги потрошиме парите! Се сеќавате ли, дека купувавме масло на пакет, а не на шише?! Возрасните велеа од тоа се гледа која фамилија колку домаќинска е. И месо ретко се купуваше помалку од пола кило. Се сеќавате ли на попладневните ужинки на чергиче зад Сарајот, на чокаладите ,,Проблема нема,,купени во продавницата на чичко Бојан. Или на тулумбите кај тетка Ѓена. На коњската запрега со која Биџија разнесуваше свежо и кисело млеко.

Школските (дури 42-ца броеше еден клас) ги прашувам дали се сеќаваат на брмчењето на мувите по ходниците на училиштето.Таква тишина и работна дисциплина владееше што и мува што лета се слушаше. Или,се сеќавате на авторитетот на наставниците?Или на тоа ,,јасно ви е деца,, и повторувањето на истата лекција додека сите кажат дека е јасно. Се сеќавате на Златко и неговата ,,Гори ватра,, и ,,Куку ера,ера бера,,(божем музиката од Сандокан) како одговор по географија? Колку само го сакавме И колку сите сакавме да му помагаме! На школските утра, каде успехот се мереше со книга подарок од директорот на школото. Колкав мотив ни беше тој ситен, а толку голем дар!? Се натпреварувавме кој повеќе пати во текот на годината ќе ги прочита лектирите. Се сеќавате,нели? Или на солидарното купување на списанијата   Браво ИТД, Здраво, викенд романите, секој знаеше што купува, а сите читавме се.

Ете затоа,се сеќавам! За времето кога важеа некои поинакви правила, некои поинакви морални вредности.Кога времето се мереше со бесконечност, кога дружбата не познаваше етничка припадност, кога возрасните беа закон, кога училиштата подразбираа авторитет, кога во училиште одевме со кецељи, кога знаењето подразбираше петка, кога купеното викенд романче го читаа десет други, кога наставниците ги имаа одговорите на сите прашања. Тоа е времето кога задоволството се мереше со прстенче од тезга, или зашеќерено јаболко во манастирски двор. Со купено фустанче за Велигден.

За идеалите, соништата…се сеќавате ли?

Пишува: Дивна Јовковска Ефтимовска

Најчитани вести