Заев пред еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија и српската премиерка Ана Брнабиќ, истакна дека повеќе од секогаш е потребна храбра политичка акција, покажување визија, храброст и одлучност во носењето на одлуките кои го стабилизираат европскиот континент.
Северна Македонија, напомена премиерот, никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа, но изминатата 1,5 година помина процес кој ја редефинираше методологијата за преговарање и се исправи пред нови непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат камен за сопнување на нејзиниот просперитет.
Премиерот потсети и дека земјава прва од регионот го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година, само четири години подоцна стана и кандидат на членство во ЕУ, во 2009-та ја доби првата позитивна препорака за почнување преговори со ЕУ, но, денес, 16 години подоцна, се уште е во чекалната на ЕУ.
-Како премиер, мојата задача е да носам тешки и храбри одлуки, да работам во најдобриот интерес на моите граѓани и да работам заедно со Владата која ја предводам, да работам за онаа посветла иднина и визија која ја предложија пред 70 години втемелувачите на денешна современа, просперитетна и обединета Европа. Токму и затоа пред четири години ги отворивме најгорливите дипломатски прашања со нашите соседи и истите ги затворивме во духот на добрососедството, современата мултилатерална политика и желбата за обединет регион кој просперира храбро напред. Изминативе година и половина поминавме нов процес кој ја редефинираше методологијата за преговарање, но и се исправивме пред нови непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат камен за сопнување на просперитетот на Северна Македонија, напомена премиерот.
-Основната е дека сме исправени пред планетарна криза предизвикана од КОВИД-19, криза која постојано ги менува приоритетите и тековите на мултилатералните процеси. Исправени сме и пред предизвици кои ретроградните сили на целиот континент ги наметнуваат неевропските вредности, постојано девалвирајќи ги цивилизациските придобивки чии темели ги поставија Аденауер, Шуман и Де Гаспери. Во вакви моменти и во моменти кога дневната политика ги поткопува основните вредности треба да си го поставиме прашањето: Што ако пред точно 70 години погледот беше свртен кон разурнатиот континент, а не кон иднината која денес ја живееме, рече Заев.
Мојата земја, истакна премиерот, била, е и ќе биде крстосница на многу цивилизации, на многу етиникуми и на многу културолошки вмрежувања кои го оставаат најдоброто од себе за идните генерации кои го градат својот живот тука, дома.
-За жал, овој мал балансиран политички екосистем кој сме го создале низ вековите, е ранлив. Ранлив е затоа што граѓаните не може да продолжат да живеат само од идеја. Потребна е и храбра политичка акција. Потребно е повеќе од секогаш покажување визија, храброст и одлучност во носењето на одлуките кои го стабилизираат континентот. Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа. Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик. Би сакал да ја искористам приликата и да им се заблагодарам на комесарот Оливер Вархеjи и сите политички и административни чинители кои постојано се тука со нас во овој процес, посебно околу помошта која ни беше дадена и која допрва треба да стигне во справувањето со економските последици кои ги доживеавме заради кризата со КОВИД-19, подвлече Заев.
Земјава, укажа премиерот, прва од регионот го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година, а само четири години подоцна стана и кандидат на членство во ЕУ.
-Веќе во 2009-та ја добивме и првата позитивна препорака за почнување на преговори со ЕУ. И, еве не 16 години подоцна се уште сме во чекалната на ЕУ, рече Заев.

Во обраќањето се осврна и на планот „Европа дома“ што го усвои Владата.
-Со овој план ние јасно и гласно декларираме што оваа Влада ќе прави во однос на евроинтеграциите и процесите кои таа ги носи. Независно од расположението во соседството или во Брисел, ние сме посветени на доброто на нашите граѓани. Ги земаме најдобрите европски практики и ги вткајуваме во националното ткиво, напомена Заев.
Според него, „Европа дома“ е своевиден роковник со утврдени активности и носители на тие активности кои во точно одреден рок треба да ги завршат за да се унапредат институциите и системите, а преку тоа граѓаните да добијат подобри услуги и подобар живот, но и уште еднаш да докажеме дека Северна Македонија го заслужува местото во ЕУ и дека природно припаѓа во европското семејство народи.
-Документот е подготвен врз основа на обврските кои сме ги презеле во рамките на заедничките тела меѓу Северна Македонија и ЕУ, а кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и препораките на Европската комисија. Низ реализацијата на овие европски реформи ќе ги исполниме и препораките од Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, извештаите и препораките од групата високи експерти, од оценските мисии и од други меѓународни извештаи. За секоја приоритетна област се наведени прецизни цели, активности, надлежни институции за спроведување на активностите и рокови за нивна реализација. Документот беше консултиран со граѓански организации кои работат во областа на европските интеграции, како и со Делегацијата на ЕУ, рече премиерот.
На крајот истакна дека и покрај корона кризата, Владата ќе продолжи максимално да работи за доброто на државата и граѓаните.
-Ковид кризата не забави, но нема да не запре. Мојата Влада има чист политички легитимитет потврден на парламентарни избори кои се одржаа пред нешто повеќе од 6 месеци и тој легитимитет ќе го впрегнеме во полна сила да работи за доброто на нашите граѓани. Остануваме отворени како и што сме биле до сега но нема да чекаме некој да ни каже каде треба да се подобриме. Доволно сме капацитетни да го направиме тоа сега и веднаш, подвлече Заев на форумот.
На панелот насловен „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долго очекуваните ветувања“ што се одржа онлајн, учествуваа премиерката на Србија Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
MИА
]]>


