Унгарија денеска се приклучи на Европското јавно обвинителство (ЕППО)

Унгарија денеска стана 25-та членка на Европското јавно обвинителство –ЕППО (EPPO), што ја покажува нејзината обновена посветеност на повторното воспоставување на владеењето на правото во земјата, објави Европската комисија.

Денешната одлука на Европската комисија да го одобри барањето на Будимпешта за приклучување кон ЕППО има важни импликации бидејќи Регулативата за ЕППО ќе престане да биде закон за засилена соработка и ќе стане целосно дел од acquis на ЕУ.

„Ова значи дека сите нови членки што ќе се приклучат кон ЕУ во иднина ќе мора да се приклучат и кон ЕППО“, објави Комисијата.

По победата на Петер Маѓар на парламентарните избори во април, Будимпешта поднесе барање во мај за приклучување кон ЕППО, кое е задолжено за истражување на корупција и проневера на европски средства, а Европската комисија денес донесе одлука со која го потврдува своето учество во тоа тело.

Комисијата соопшти дека Европското јавно обвинителство сега ќе има постојано присуство во Унгарија „за да ги заштити средствата на ЕУ од финансиски криминал“.

Европското јавно обвинителство ќе може ретроактивно да истражува, гони и да покренува обвиненија за кривични дела поврзани со средствата на ЕУ извршени во таа земја по 1 јуни 2021 година, кога канцеларијата стана оперативна.

Ова значи дека ќе може да истражува и обвинувања за корупција од претходната влада на Виктор Орбан, кој одби да се приклучи на Европското обвинителство, тврдејќи дека тоа го нарушува суверенитетот на Унгарија.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ова е добра вест за Унгарија и добредојден чекор во борбата против измамите и корупцијата.

„Народот на Унгарија сега ќе има воспоставено заштитни мерки за да се осигури дека средствата на ЕУ се користат во нивни интереси“, рече фон дер Лајен.

Извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, изјави дека пристапувањето на Унгарија кон Европското обвинителство е уште еден фундаментален чекор за владеењето на правото и борбата против злоупотребата на парите на даночните обврзници во таа земја.

„Унгарците сега знаат дека ќе има независен, европски јавен обвинител кој ќе обезбеди средствата на ЕУ да одат таму каде што се наменети. Владеењето на правото и борбата против корупцијата во Унгарија штотуку се зајакнати“, рече Виркунен.

Одлуката на Комисијата ќе стапи на сила 20 дена по објавувањето во Службен весник.

Унгарските власти треба да предложат три кандидати за функцијата европски обвинител во Унгарија, а Советот на ЕУ ќе назначи еден од нив.

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести