Дваесетгодишно момче го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што се случи синоќа во 22 часот и 30 минути на регионалниот пат Охрид-Дебар во близина на струшкото село Велешта. Ресул К. од Велешта им подлегнал на повредите додека со возило на брза помош бил превезуван од Општата болница во Струга кон болницата „Св.Еразмо“ во Охрид.
– Сообраќајната незгода се случила во момент кога сега починатиот управувајќи патничко моторно возило марка „Голф“ со струшки регистарски таблици, со предниот дел директно удрил во задната лева страна на полуприколка од товарно моторно возило марка „Сканија“ кое било запрено на регионалниот пат, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Како што додава Димоски, до незгодата дошло поради неприспособување на брзината на движење на возилото кон состојбите на патот и другите сообраќајни услови.


