Животот ѝ започнал со трагедија, лекарите ѝ предвидувале уште една година живот, а таа го преживеала Титаник и уште два други бродоломи

Вајолет Џесоп е родена во Аргентина во 1887 година, во семејство на ирски имигранти, но нејзиното детство било обележано со болест, тежок вид на туберколоза, а лекарите ѝ предвидувале околу година денa живот. Сепак девојчето успеало да се избори со тешката болест и да оздрави. Но, животот ѝ удрил друг удар, починал татко ѝ.

По трагедијата, нејзината мајка со шесте деца се вратила во Европа. Се преселиле во Англија, каде мајката на Вајолет се вработила како стјуардеса на патнички бродови, пишува „Историски забавник“.

Меѓутоа многу брзо и мајката се разболела, па дваесетгодишната Вајолет била принудена да работи како замена за нејзината мајка.

На почетокот на 20 век, убавата млада жена немала многу шанси да се вработи на океански брод. Аплицирла во неколку компании, но сите ја одбивале со изговор дека се бараат поискусни, средовечни жени. Се верувало дека млада, атрактивна девојка на бродот може само да биде извор на непријатни ситуации и меѓу патниците и меѓу членовите на екипажот.

Разбирајќи ја пораката што ѝ ја испраќале компаниите, Вајолет тргнала на интервју за работа во компанијата „Вајт Стар Лајн“ облечена во непривлечна облека, без шминка, со застарена фризура и генерално просечен изглед и успеала. Во 1908 година, Вајолет се вработила како стјуардеса на компанијата „Вајт Стар Лајн“, која во тие години била сопственик на 3 од најпознатите бродови во светот.

Се работело за таканаречените сестрински бродови – Британик, Титаник и Олимпик, кои со мали разлики биле проектирани и изградени по ист модел.

Првиот брод од оваа линија на кој работела Вајолет бил Олимпик. Се работело за најголемиот патнички брод изграден до тоа време. Меѓутоа, во 1911 година, Олимпик се нашол во центарот на една од најконтроверзните приказни таа година. Имено, дошло до бизарен инцидент кога британскиот воен брод Хок удрил во Олимпик, нанесувајќи му сериозна штета.

Дваесет и петгодишната Вајолет успеала неповредена да се извлече од инцидентот. Бродот за среќа не потонал, туку за чудо успеал да стигне до првото безбедно пристаниште, но печатот долго време шпекулирал како воопшто можел да се случи таков судир.

Тоа било знак за Вајолет дека е време да се симне од бродовите. Но, веќе следната година, била примена како стјуардеса на најлуксузниот брод изграден дотогаш. Бисерот на компанијата Вајт Стар Лајн, познатиот брод Титаник, тргнал на своето прво патување кон Њујорк во април 1912 година, а Вајолет Џесоп била помеѓу членовите на екипажот.

Ноќта на 14-ти април, иако сè уште имало место во чамецот за екипажот, на Вајолет ѝ била дадена посебна задача од претпоставените. Ѝ ставиле дете во прегратка, па ѝ наредиле со личен пример да им покаже на патниците кои не зборуваат англиски како без паника да влезат во чамците за спасување. Така додека скапоцениот камен на англиската бродоградба тонел, Вајолет успеала да се спаси со шеснаесетиот чамец за спасување и го преживеала потонувањето на Титаник, кој однесел околу 1.500 животи.

По оваа трагедија, Вајлоет некое време не работела на бродови, туку работела како медицинска сестра. Наскоро започнала Првата светска војна, а Вајолет се пријавила во Црвениот крст како медицинска сестра.

Во исто време, третиот брод од познатото трио најлуксузни бродови на „Вајт Стар Лајн“ добива нова намена – станал огромна воена болница на вода. Се разбира, тоа не можело да се случи без Вајолет Џесоп. Во 1915 година, таа се качува на Британик на своето прво патување низ ризичниот Медитеран, среде војна.

И по трет пат преживеала бродолом. Во август 1915 година, во Егејското Море недалеку од брегот на Грција, под сè уште неразјаснети околности, на бродот избувнала сериозна експлозија. Иако преживеаните тврделе дека биле нападнати со торпедо од германска подморница, официјалната верзија е дека налетале на мина.

Како и да е, и тој брод целосно потонал за помалку од еден час, поточно, 54 минути. Сепак, за разлика од Титаник, кој тонел повеќе од два и пол часа, топлиот Медитеран на +25 степени бил многу поподнослив од -2 во Северниот Атлантик. Така, и покрај неверојатната брзина со која потонал бродот, повеќето од патниците и членовите на екипажот успеале да преживеат. Од нешто повеќе од илјада луѓе кои биле на Британик во моментот на потонувањето, загинале 30 лица.

Ниту оваа трагедија не ја спречила оваа храбра жена. По пауза од неколку години, по војната се вратила на првобитниот повик – стјуардеса на океански брод. Од “Вајт” се преселила во компанијата Red Star Line, а со нив двапати ја обиколила земјината топка и ги посетила сите континенти.

Во педесетите години на 20 век Вајолет ја објавила својата автобиграфија. Доживеала длабока старост и починала во 1971 година, на 83 години.

Најнови вести

Најново од Магазин, Свет

Најчитани вести