После првичниот шок од мерката на владата со која наместо лозарите се субвенционираат винариите, следува прашањето од кои пари ќе се исплата тие 3 денари за килограм вранец? Дали повторно од буџетот наменет за земјоделски субвенции, односно од мерката за директна поддршка? Дали ваква мерка ќе донесат и за смедеревката? Потоа, дали овие пари веќе биле предвидени, или ова е ад -хок мерка? Од која ставка ќе се скрати и крајно зошто се трошат парите на земјоделците за субвенционирање на винариите кога постојат неколку мерки со кои најдиретно владата можеше да им помогне околу пласманот на виното.
Владата може да им помогне на винариите да ги продадат залихите со вино преку изнаоѓање на нови пазари со помош на скапо платените економски промотори и нашите амбасадори. Или како што направија Италија и Франција пред неколку години, кога винарските визби им беа полни со непродадено вино, за да ги ослободат капацитетите, државата субвенционираше и речиси целиот род го преработија во дестилат. Исто така можеа до сега во овие 10 години да изградат фабрика за гроздов концентрат за кој нема проблем со пласманот. Сите овие мерки се дирекно насочени кон винариите, додека парите од субвенциите се наменети за лозарите кои произведуваат со скапи и неквалитетни репроматеријали, особено нафта, за да може да го модернизираат производството и да бидат конкурентни со цената на грозјето која е иста повеќе од 15 години.
Министерот Цветков треба да одговори на овие прашања наместо да изјавува дека го решил проблемот со откупот на грозјето. Следува бербата на смедеревката за која најверојатно повторно ќе обезбедат пари за винариите бидејќи истиот проблем ќе се случи и со откупот на белото грозје. Но тука најверојатно е друга игра во прашање. И во овој случај ми се потврдува сомнежот дека секој закон или негова измена и дополнување што го носат е во нечиј интерес, а тоа не се земјоделците. Во овој случај, симтоматично е што во само две недели пред откупот, се донесе измената на законот за вино, се пуштија инспекторите на терен, се спречија откупувачите да откупуваат веќе договорено грозје, се направи хаос, и лозарите притиснати се насочија кон Повардарие, визбата која сеуште го нема платено ланскиот род. Немоќта на лозарите го достигна максимумот, повторно си го дадоа грозјето без пари. Дополнително, владата го врати и стариот начин на исплата на грозјето од 6 месеци иако во февруари годинава го сменија законот и се пофалија дека се грижат за лозарите да ги земат побрзо парите од грозјето. Уште една од наменските лаги во пакетот предизборна пропаганда на Груевски.
Сомнежот за неискрениот однос на владата кон лозарите ми се потврдува и од анализата на Призма која се повикува на официјални податоци, за распределбата на земјоделските субвенции, во периодот од 2010-2014. Во оваа анализа може да се види дека во овој период од 4 години само со две решенија по една иста мерка – Финансиска поддршка за намалување на залихи на вино и поддршка за откуп на грозје, „Повардарие“ има добиено близу 2,5 милиони евра! Сите други 29 винарии заедно имаат добиено исто толкава сума. И повторно парите се земени од буџетот кој е наменет за директна поддршка на земјоделците?!
Имајќи предвид досегашното искуство со начинот на владеење на владата на Груевски и особено трошењето, читај крадењето на буџетските пари, дали ова не е само начин како да се исперат државните пари за изборни манипулации на власта? Според капацитетот на „Повардарие“ најмалку 1 милион евра, по истата мерка и овој пат ќе се префрлат на сметката на визбата.
Прашањата се до министерот Цветков, но пораката е до лозарите да размислат до кога ќе дозволуваат да ги злоупотребува и манипулира власта со нивните пари наместо да им обезбеди сигурен откуп со долгорочни мерки преку намалување на производната цена на грозјето со поефтина нафта, заштитни средства и ѓубрива и навремена исплата на субвенциите кои се државна мерка, а не партиска.
Ленче Николовска


