Климатски промени и незаинтересирана влада- смрт за земјоделството

lence_nikolovska

Утрово во Преспа овоштарите се простија со уште една изгубена реколта. Минусните температури ги измрнаа јаболката. Последниот удар на земјоделците им го зададе природата како сојузник на погубната власт во заминување.

Неисплатени отштети од последното измрнување, неисплатени субвенции, неплатени јаболка со години..кој земјоделец може да опстане во вакви услови? Пропаѓа уште една земјоделска гранка. Продолжува уништувањето на земјоделкото производство. Владата на Груевски како најголем душман на земјоделците, ги сотре. Незаитересираноста, негрижата на власта, го направи своето. Погубната аграрна стратегија или подобро кажано, непостоењето на стратегија за аграрот, се гледа со голо око. Соголени земјоделци, празни ниви, измрзнати овошни насади, десeткувани посеви, катанци на фармите, субвенции нема, лозари пред винарии се молат за своите пари.

Па кога ќе речат земјоделците, да не се мешала политиката?! Ех драги наши земјоделци, кога еднаш ќе сфатите дека СЕ ви зависи од политиката на актулената власт. И колкави ќе бидат субвенциите и дали ќе ги добивате на време. Која цена ќе ви биде нафтата, дали ќе имате решен пласман, системи за наводнување или земја за обработка. Од политиката на актуелната власт ви зависи и дали ќе добиете оштета за измрзнатите, поплавените или од суша оштетени посеви и насади. Од политиката, драги наши земјоделци ви зависи и дали ќе ви се плати родот или трговци и откупувачи ќе ве зафркаваат како сакаат.

Од политиката на актуелната власт ви зависи дали ќе имате пари да се борите против климатските промени, да ставите заштитни мрежи од град, да ги заштитите лозјата и овоштарниците од мраз, да имате исчистени канали за да не се поплавувате и на крај да имате држава која ќе ви ги плати штетите.

Наместо влада која ќе води ваква политика, вие имате профитери  кои со трактори протестираат и ја „бранат“ државата и јазикот од измислени непријатели. Владата во заминување заедно со нејзините службеници, а ваши наводни претставници се најголемата природна катастрофа што можеше да ве задеси.

Нивната злосторничка улога сега ја превземаа пратениците од ВМРО ДПМНЕ кои заедно со Трајко Вељаноски, а по налог на Груевски, ви одземаат од вашиот живот, ден повеќе за да се спасат себе си. Реплика на говор, и котрареплика како одговор на вашата мака и нервоза. Тоа го добивте како благодарност за вашата лојалност и гласање на избори.

Драги наши земјоделци,  ги гледам бројките, статистиката е немилосрдна, изгубивте се, а со вас и државата. Одамна ми е јасно дека ви треба помош и тогаш кога не сте свесни за тоа, кога партијата и Груевски ги стававте пред вашиот личен интерес. Но партијата ве изневери, а Груевски евтино ве продаде.  И уште ви ги ситни животите…

Пред нас е време кога сериозно, со добра намера и пред се професионално ќе се грижиме за вас и за вашето производство. Новата влада предводена од СДСМ во својата програма ги има сите потребни мерки за вакви вонредни ситуации како оваа, но и за нормализирање на земјоделкото производство како ваш извор на егзистенција. Земјоделското производство конечно ќе го добие местото кое го заслужува, како важна стратешка гранка во државата.

Ленче Николовска



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *