Иако вчера заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски најави дека 33 здравствени установи добиваат нови директори, денеска министерот за здравство Арбен Таравари вели дека заменикот избрзал со најавата и дека само во четири болници се именувани нови директори.
Според Таравари во здравствениот сектор ќе продолжат кадровските смени и најавува 50 нови разрешувања. Во моментов вели се во игра повеќе имиња, но не открива кои. Министерот за здравство тврди дека нема партиски несогласувања за директорските смени на клиниките. Единствен критериум им била стручноста и професионалноста.
Откако Таравари седна на министерската функција во ресорот здравство, сменети се директорите на Клиниката за онкологија, Неврохирургија, Нефрологија, Кардиологија, Токсикологија и Клиниката за очни болести. Последен во низата разрешени беше директорот на штипската болница.
извор: Телевизија 24


