Општина Битола ќе аплицира со голем број, односно со околу 30-тина проекти на вториот Јавен повик за државна финансиска помош на општините со средствата од унгарскиот кредит. На првиот повик, општината аплицираше и ги доби сите 16 проекти од Владата. Паралелно, општината работи на голем број капитални проекти од свои средства и од проекти, вложува во инфраструктурата, културата, спортот…сите овие активности се повод за разговор со градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Бриф: Господине Коњановски, годинава општина Битола има буџет од околу 44 милиони евра. Од оперативниот дел на буџетот, над 55% се однесува на капитални инвестиции. Кои се тие капитални инвестиции и кои придобивки ќе ги имаат жителите на општината?
Коњаноски: Годинава општина Битола има историски најголем буџет од околу 44 милиони евра. Еден од можеби најзначајните објекти кои што во изминатиот период се залагавме да се реализира, полека веќе ги добива првите видливи резултати. Знаете, на Балканот, првата противпожарна станица и екипа е формирана токму во Битола, а нашите пожарникари кои што територијално ги покриваат и општините Новаци и Могила, работат во несоодветни услови. Конечно, пожарникарите ќе добијат нова противпожарна зграда, каква што им доликува. Карабинскиот дел од објектот е завршен, веќе влегуваме во втората фаза на доизградба на објектот.
Влезот од страната на Прилеп со години е лоша слика за влез во една урбана средина како што е градот Битола и ова е уште еден од нашите капитални проекти. Реконструираниот влез на ул. „8 Септември“ опфаќа промена на канализациона и водоводна мрежа која што е во тек, проширување на коловозната површина и ново осветлување, како што и доликува на Битола.
Работиме и на изработка на нов Генерален Урбанистички план, бидејќи повеќе од 20 години не е обновен, а современиот начин на живот бара и нови идејни решенија, кои преку различни студии ќе бидат дел од ГУП-от и ќе донесат подобри решенија во сообраќајот, инфраструктурата и целосната слика на градот.

Бриф: Општина Битола доби средства за 16 пректи од првиот повик на Владата, од средствата од Унгарскиот кредит и е општина со најголем број прифатени проекти. Дали и овие проекти беа дел од развојната програма и што опфаќаат?
– Да, добивме поддршка за реализација на 16 проекти, од кои 13 се од областа на инфраструктурата, 2 од областа на спортот и еден од областа на енергетската ефикасност. Опфатени се реконструкции на повеќе улици и патишта:
Реконструкција на коловоз на локален пат за с.Буково
Реконструкција на коловоз на локален пат за с. Магарево
Реконструкција на коловоз на ул.Панде Кајзеро
Реконструкција на коловоз на Булевар 1-ви Мај
Реконструкција на ул.11-ти Март и Панде Николов, Козара и Чеде Филиповски
Реконструкција на водоводна линија на потегот с.Поешево – с.Логовоарди
Реконструкција на канализација на ул.Панде Кајзеро
Во инфраструктурните проекти имаме и изградби, особено во населбата АРМ, но и во други делови на градот и тоа:
– Изградба на коловоз на улици 150-та , 170-та и 210-та,
-Изградба на инфраструктура на улица СТУ 3 АРМ четврт 1,
-Изградба на фекална канализациона и атмосферска мрежа за ул.од ДУП за БРЛ 4 дел и ДУП БЛР 4 дел блок 2 ( ул. 150; 170 и 210)
-Изградба на канализација на ул.СТУ 3 АРМ четврт 1( фекална и атмосферска со приклучоци)
– Изградба на улично осветлување на ул. СТУ 3 АРМ четврт 1
-Улично осветлување на ул.11-ти Март и Панде Николов
Тука се и двата спортски објекти, Изградба на центар за спорт и рекреативни активности (боксерски клуб), како и санација на јужна трибина на фудбалскиот стадион ,,Петар Милошевски”.
Последниот проект во листата на 16-те проекти се однесува на енергетската ефикасност, односно изведба на нова енергетска и ефикасна фасада на ООУ ,,Стив Наумов “, со што во ова училиште се заокружува целината на едно од најенергетси ефикасните во градот. За најголем дел од проектите, веќе се спроведени јавни набавки, а дел од нив се и завршени, со што наскоро ќе почне и теренската реализација.

Бриф: Го споменавте ОУ „Стив Наумов“, но освен во ова училиште, во Општина Битола во 2024 година имавте и голем број реализирани проекти од областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Поставени беа фотоволтаици на повеќе училишта во градот. Дали веќе ги имате првите резултати на заштеда на електрична енергија?
Коњаноски: Кон крајот а 2023 година, беа поставени фотовволтаици на објектот на основното училиште и детската градинка во с. Долно Оризари. По пресекот направен една година подоцна, заштедата на електрична енергија е над 50%. Преку проектот „Сончеви училишта“, беа поставени фотоволтаични напонски центали на 6 основни училишта на територијата на општината. Целосниот инсталиран капацитет на фотоволтаиците во овие 6 училиштата е 151.80 KWP. Со инсталирањето на фотоволтаиците, ќе се намалат јаглеродните емисии за 177,677 килограми на годишно ниво. Училиштата ќе имаат годишна заштеда на средства од околу 15.000 евра, која ќе биде реинвестирана, во зависност од нивните потреби и приоритети. Со средства од МОН, поставени се фотоволтаици на уште три средни училишта, така што 2024 година, ја заокруживме со 10 училишта на кои се поставени и функционираат фотоволтаици. Навистина, заштедата ќе биде голема, а со тоа придонесуваме и кон заштитата на животната средина. И во 2025 година, остануваме посветено да работиме на полето на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, за што секако имаме предидени средства и во буџетот.

Бриф: Во тек е пријавувањето за вториот Јавен повик за државна финансиска помош на општините со средствата од унгарскиот кредит. Најавивте околу 30-тина проекти. На што е ставен фокусот, за каков вид на проекти ќе аплицирате?
Коњаноски: Повторно, најголемиот дел од проектите ќе се однесуваат на инфраструктурата, бидејќи, како што е познато, Битола е голем град, со тесни улици во централното градско подрачје, кои се застарени и во однос на канализационата и водоводната мрежа, но и во коловозниот дел. Тука се и населените места во општната, кои не се изоставени во проектите. Добрата стартна основа на општината е што располага со голем број на изработени проекти, со издадени дозволи за градба, што е основа за да се аплицира на владининте повици. Тоа значи дека имаме подготвена проектна документација за голем број на улици, но овој пат ставаме голем акцент и на спортската инфраструктура за најмладите, односно предвидуваме реконструкција на 10 спортски терени во основните училишта и изградба на 3 спортски училишни сали. Тука е и реконструкција на објект наменет за училиште, како и атлетските патеки и борилиште во стадионот “Петар Милошевски”. Овој пат опфаќаме изградба или реконструкција на голем број паркинг простори, како и уредување на два дела од Зоолошката градина – објект за копитари и терариум.
Овој пат и граѓаните се вклучени да го дадат своето мислење околу приоритетот на проектите, односно да се вклучат преку јавна анкета со што даваат придонес во идентификувањето и реализацијата на проектите за поубава Битола. Навистина ни е многу значајно мислењето на граѓаните и тоа секако ќе биде земено во предвид при аплицирањето за финансиска поддршка на проектите од Владата.
Бриф: Колку Ви е важна Вашата транспарентност како општина и дали покрај транспарентноста применувате и други алатки со кои станувате подостапни за своите жители?
Коњаноски: Тоа што сме една од најтранспарентните општини во државата, се должи на повеќе работи, со кои навистина сме блиску до нашите граѓани и транспарентно е изложена работата во општината. Во живо се пренесуваат седниците на совет, се пренесуваат дури и комисиските расправи, каде што граѓаните можат да видат што се случува и како се донесуваат одлуките. Буџетите се редовно на увид на граѓаните, тука се и Форумите, како модел преку кој отворено се дискутира за потребите на граѓаните и се одредуваат проекти за реализација според нивните приоритети. Ја подобруваме и внатрешната општинска комуникација, со која го олеснуваме пристапот на граѓаните до нивните предмети, преку новововедениот ДМС (Data management system) во општината. Тука е и ГИС системот, а воведено и електронското плаќање на данок, а за граѓаните кои што сакаат да извршат уплата, повторно имаме банкарски шалтер во општината. Изработена е и нова веб страница на општината, каде што се споделуваат сите информации, а тука се и социјалните медиуми, каде што се споделуваат сите актуелности од стра на општината.

Бриф: Кои проекти би ги издвоиле од областа на културата, туризмот и спортот, како уште една можност за јакнење на локалната економија.
Коњаноски: Во однос на поддршката на културата и туризмот, горди сме на нашата Зимска приказна, која прерасна во поддржувач на локалната економија и промотор на културниот туризам во Битола. Со над 50.000 посетители, во 18 денови се одржаа 150 настани, со 400 часа активна програма. Битола годинава беше препознатлива по лизгалиштето на Магнолија, празничниот плоштад кај Офицерски дом, возот „Мечо,“ пајтонот со Дедо Мраз и Новата Година во него, парадата на моторџиите Дедо Мразовци и Баба Мразици, пладневните концерти во Старата чаршија, куќарките кои мамеа со локални вкусови, едноставно градот беше место кое од различни локации дишеше со позитивна енергија.
За пролетните и летните месеци ги имаме нашите препознатливи фестивали, кои докажано привлекуваат голем број на посетители, како што се фестивалот „Илинденски денови“, ИФФК „Браќа Манаки“, Шекспир фестивалот, Битолино, како и голем број на настани, кои се дел од Битолското културно лето, уште еден препознатлив дел од културното живеење на градот.
Веројатно овие 3 години го живееме еден од најзначајните периоди на подем на битолскиот спорт, пред се на ракометот. Но во добра насока се движи и кошарката, а фудбал се игра во прекрасните услови на стадионот „Петар Милошевски“, под рефлектори. Индивидуалните спортисти се наша гордост, а ние како општина секогаш ќе ги помагаме нивните успеси. Во посета на општината и скијачките терени ги имавме стручните лица од компанијата Фурлани од Словенија, со цел да се изработи физибилити студија за изградба на гондола на Пелистер, проект кој што е изгласан во Советот на општина Битола. Оваа физибилити студија треба да даде јасна слика за вкупната цена за изградба на гондолата, финансиската исплатливост на овој проект, локацијата, или можните локации каде што таа би била изградена, должината на трасата итн.
Нашата единствена цел како локална самоуправа е преку работа и проекти да покажеме и да докажеме дека Битола е убаво, но може да биде и уште поубаво место за живеење за нас и нашите идни генерации.


