Ловќен го тестира Металург пред реваншот со Вардар во ЛШ

Македонскиот ракометен вицепрвак Металург утре го очекува дуел против Ловќен во регионалната Газпром лига. Тренерот Лино Червар на денешната прес-конференција истакна дека во тимот владее разочараност по поразот од Вардар, не толку поради исходот, колку што е незадоволството од недоволната борбеност и желба за успех.

Средбата со црногорскиот состав предводникот на Металург ја гледа како можност за контрола пред следниот предизвик со „црвено-црните“.

– Натпреварот со Ловќен претставува добар тест за нас и се вклопува во подготовките за реваншот против Вардар в недела во Лигата на шампионите. Ловќен е засилен со неколкумина нови играчи по лошиот старт во СЕХА лигата и сигурно нема да ни биде лесно да стигнеме до позитивен резултат, изјави Червар.

Хрватскиот стручњак ги информира присутните дека поради повреда најверојатно во тимот ќе го нема Ренато Вугринец, за Ацо Јоноски поголеми се шансите да игра, додека Филип Миркуловски ќе го пропушти и овој дуел, а можно е да добие минутажа против Вардар, но со него нема да се брза и ќе се чека целосна рехабилитација.

На прес-конференците беше присутен и Гоце Ојлески кој изјави дека очекува победа против Ловќен и враќање на позитивната атмосфера пред реваншот со вардарци.

Натпреварот Металург – Ловќен ќе се одигра утре од 17 часот и 45 минути во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Најчитани вести